Пораките на Делчев се актуелни и денес: Одбележана 122 годишнината од неговата погибија
Со положување свежо цвеќе на неговиот гроб во црквата Свети Спас во Скопје, почит му одадоа претседателката Силјановска Давкова, владина делегација предводена од премиерот Мицкоски, делегација од Собранието, претставници на дипломатскиот кор, како и партиски делегации, здруженија, граѓани…

Со изјави дека пораките на македонскиот револуционер и великанот на македонското ослободително движење, Гоце Делчев, се актуелни и денеска и со заложби да се зачува вистината за него, денеска македонскиот државен врв и политичарите ја одбележаа 122 годишнината од неговата погибија. Со положување свежо цвеќе на неговиот гроб во црквата Свети Спас во Скопје, почит му одадоа претседателката Гордана Силјановска Давкова, владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација од Собранието, претставници на дипломатскиот кор, како и партиски делегации, здруженија, граѓани…
Одбележувањето започна со Панихида, отслужена од страна на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија.
Како што наведува Сиљановска Давкова, Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина.
„Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина“, порача претседателката Сиљановска Давкова по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев на својот фејсбук профил.
За премиерот Мицкоски, денешниот ден не потсетува на тоа колкав голем титан македонскиот народ имал, кој што имал не само локално, регионално, туку и пошироко значење.
„Неговата борба за Македонија, неговата хуманост, неговото дело, се безвременски и така ќе остане за генрациите кои што следат“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека оваа генерација политичари во македонската влада има чест да го пренесе сеќавањето за неговото дело на генерациите што следат, но истовремено и достојно да го чува и да го негува.
„Кога велам да го чува и да го негува, да ја пренсеува вистината. Онаа вистина каква што вистински се случувала, а не вистината која што за жал некои се обидуваат да ја искриват и во колективната меморија на македонскиот народ во минатото имаше обид за инженеринг таа вистина да биде поинаква“. рече Мицкоски, додавајчи дека за среќа тоа е веќе минато, „а наша обврска е вистинската вистина да ја пренесеме на идните генерации за овој голем македонски титан Гоце Делчев“.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, нагласи дека пораките на великанот Гоце Делчев се актуелни и денес, а дел од неговите пораки се поактуелни денес отколку во времето во кое што живеел.
„Тоа е знак и сигнал дека треба уште многу напорно да работиме, да ги имплементираме сите тие негови пораки. Од визијата за слободна и независна Македонија, посебно денес во едно време многу различно од тоа тогаш, во време кога доминира технологија, социјални медиуми а се повеќе и вештачката интелигенција“, рече Филипче.
„Ако Гоце Делчев кажал дека сме поделени како нација, ние тоа го сведочиме и денеска по повеќе од еден век. Ако рекол дека светот треба да се разбере како поле за културен натпревар на народите, треба да работиме во таа насока, а не младите да го сфаќаат светот како поле за карта во еден правец. И на крајот, ако кажал дека Македонија е полето каде што треба да делуваме, треба сите заедно да сфатиме дека само заеднички можеме да го направиме тоа, Македонија да ја унапредуваме и надградуваме и со човечки капацитет и со вредности“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на ликот и делото на големиот македонски револуционер, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан порача никогаш и никако да не дозволиме да избледат сеќавањата на Гоцевите дела и делата на сите кои низ вековите се дадоа себе си за Македонија.
„Тие наши светли херои да ги имаме пред очи како светило во ноќта, да ни го осветлуваат патот и да ни покажуваат дека татковината се чува со дела, а не со празни зборови, дека се љуби преку совесно постапување, преку непоколебливо запазување на правото и правдата, преку активно учество во општествените процеси, преку придонесување за окрепување, а не за распаѓање, преку подавање рака на нашите ближни кога тоа можеме да го сториме, преку непоштедна борба за слободно, праведно и напредно општество“, потенцира поглаварот на МПЦ.