Порака од Стејт департментот до новата влада: судската независност мора да се почитува


 

САД велат дека корупцијата продолжува да биде значителна пречка за напредокот на Северна Македонија и главна причина поради која економските реформи не успеваат, а младите се иселуваат.

Функционер на Стејт департментот, за Гласот на Америка на македонски јазик, вели дека пораката на САД до новата влада е иста каква што била и до претходната влада:

„Никој не е над законот; применете ги вашите постоечки алатки и закони за поголем резултат; и почитувајте ја судската независност. Народот заслужува неговите лидери и функционери да бидат повикани на одговорност“.

Тој вели дека САД поддржуваат да се казнат оние што ги искористуваат дупките во законите и кои работат за сопствен интерес, наместо за луѓето што ги избрале на таа функција.

„Се потпираме на граѓаните да бараат интегритет од нивната влада и да бараат последици за оние кои ја изневеруваат довербата на јавноста“.

Но, рече дека очекува и судиите да бараат одговорност од корумпираните.

„И додека САД ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, наша надеж – и наше очекување – е дека судството и структурите за спроведување на законот во Северна Македонија ќе го сторат истото“.

Целта на САД е да помогнат во градењето на јавната доверба во демократските институции преку зајакнување на одговорноста и интегритетот на сите нивоа на власта, како и „да помогнат да се подобрат законодавните рамки и да осигураат дека антикорупциските тела се независни и ефектни.