Порака од Сиљановска: Македонскиот јазик е темел на македонскиот идентитет


Фото: Б. Грданоски

 

Во подолга порака по повод Денот на македонскиот стандарден јазик претседателката Гордана Сиљановска-Давкова нагласи дека ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите.

„Како македонски мисионери имаме семакедонска, национална и човечка должност да го чуваме, негуваме, сакаме, развиваме, проучуваме, промовираме, обновуваме македонскиот јазик, оти без нас не ќе живее, ниту ние ќе бидеме Македонци без него. Ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите.

Нам, македонскиот јазик ни е духовна храна, важна и потребна колку и мајчиното млеко, тој ни е идентитетско сонце, татковина од искона. Македонскиот јазик е река што извира од европски извор и се влева во морето на европската и во океанот на светската цивилизација“. 

Во праката таа пишува за мисијата на Кирил и Методиј, за книжевната школа на Климент Охридски. „Мракот беше победен од  светлината, незнаењето беше поразено од знаењето со помош на словенските јазици, меѓу кои и македонскиот, словенските народи, а меѓу нив и македонскиот се описменуваа.    

Во прашање е ‘моќно придвижување’, според Блаже Конески, со што се трасираше и се отвори патот за епопејата на македонскиот јазик којшто храбро тргна напред, најпрво како прасловенски јазик, старословенски јазик ‒ првиот книжевен јазик на сите Словени, создаден врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун.  

Јазичната еволуција се одвива од глаголицата, преку старословенската кирилица, кон современата македонска кирилична азбука“.

Претседателката потсетува дека кодификацијата на македонскиот јазик се реализира преку Решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија од 2 август 1944 година, Решението на Президиумот на АСНОМ за  донесување на азбуката на 5 мај 1945 година и официјалното усвојување на македонскиот првопис на 7 јуни 1945 година.  

Сиљановска потенцира дека влогот на великанот Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик, во науката за јазикот и во македонистиката е монументален и го споменува исклучителниот придонес на Круме Кепески.

„Македонскиот стандарден јазик не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверена и независна Македонија, туку и темел и потпора на македонскиот идентитет. Тој е основното идентитетско обележје на сите Македонци коишто живеат на територијата на македонската држава и говорат македонски, но и на Македонците во соседните држави и Македонците насекаде во светот“, вели Сиљановска-Давкова.