Порака до Брисел: ЕУ не треба да плаќа за проектите за гас на Балканот


 

Милијарди средства од ЕУ би можеле да се одредат за инфраструктурни проекти во Западен Балкан кои не се потребни, се нетранспарентни и би можеле да го затворат регионот во фосилни горива, особено гас, во следните децении.

Алармот го вклучи Бенквоч (голема мрежа на невладини организации од Централна и Источна Европа) кој ги анализираше предлозите за грантови во вкупна вредност од 29 милијарди евра од Инструментот за претпристапување и Гарантниот инструмент за Западен Балкан, според економскиот и инвестицискиот план на Комисијата за Западен Балкан за 2020 година.

Планот предвидува десет водечки области за инвестиции кои опфаќаат обновлива енергија, транспорт, пренос на гас и електрична енергија, енергетска ефикасност, дигитална и младина. Владите поднесоа 79 предлог проекти за финансирање по секоја категорија.

Бенквоч забележа дека списоците на проекти не биле предмет на никаква јавна консултација и не биле јавно објавени – до сега.

„Списокот содржи многу проекти кои изгледаат разумни и многу потребни, но многу други не се во согласност со политиката и/или законодавството на ЕУ и не смеат да се финансираат со пари на ЕУ“, се наведува во брифингот.

Во него се наведува дека постои значителна нерамнотежа меѓу категориите, при што ниту една влада не поднесе ниту еден проект за енергетска ефикасност, и покрај итните потреби за заштеда на енергија во регионот. Други проекти што недостасуваат вклучуваат намалување на загубите во дистрибуцијата на електрична енергија, зајакнување на секторот за греење, промовирање на ефикасни топлински пумпи и соларно термално и централно греење од обновливи извори на енергија од четвртата генерација.

Во февруари, Комисијата го одобри првиот инвестициски пакет составен од 21 проект во вредност од 3,2 милијарди евра. Според Бенквоч, проектите вклучуваат делници на Коридорот Vc јужно од Мостар во Босна и Херцеговина, каде што повратниците од војната се соочуваат со закана да ја загубат својата земја, а уништувањето им се заканува на реките Буна и Буница.

Бенквоч даде серија препораки до Комисијата во однос на другите проекти кои чекаат одобрување за финансирање. Тие вклучуваат нефинансирање проекти со „црвено знаме“ идентификувани од Бенквоч  зголемување на транспарентноста на изборот на проекти и ограничување на финансирањето на патиштата.

Во однос на енергијата, тие категорично наведуваат „Престанете да ги користите јавните пари на ЕУ за финансирање на гасот во Западен Балкан“. Дополнително, не треба да се прифаќаат проекти за фосилни горива, треба да се промовираат реновирање и ефикасност, а хидроенергијата треба да се отфрли во корист на соларната, ветерната и геотермалната енергија.

„Во поголемиот дел од Западен Балкан, гасната инфраструктура ќе треба да се изгради од самиот почеток, за што ќе бидат потребни години и огромни суми пари. Ова би ја заклучило гасната инфраструктура во време кога земјите треба да инвестираат во енергетска ефикасност и обновливи извори наместо да градат нова инфраструктура за фосилни горива“, објави Бенквоч. (Еурактив)