Поради протест, блокиран сообраќајот во двата правца на патот Прилеп-Крушево


Фото: Б. Грданоски

Во 08.50 часот започнат е јавен собир на регионалниот пат Прилеп-Крушево кај село Врбјани, Општина Кривогаштани, информираа од АМСМ.

– Граѓани протестираат поради изведување на градежни работи на патот со кои треба да се руши мост поради што во овој период ќе им се отежни работата на земјоделците. Од 09:10 часот сообраќајот е блокиран во двата правци, соопштија од АМСМ.

Во 09:30 часот сообраќајот на регионалниот пат Прилеп-Крушево, кај село Врбјани Општина Кривогаштани, е пуштен во двата правци, информираа од АМСМ.

 

Претходно, Левица Кривогаштани го поддржа денешниот протест против, како што велат, непромислената и коруптивна политика на градоначалникот на општина Кривогаштани Никола Мискоски, кој преку сомнително потпишани тендери изминатава година ја загрозил проодноста на патот помеѓу Прилеп и Крушево. А сега поради изградбата на двата мостови, овој патен правец би бил целосно блокиран.

„Жителите на општина Кривогаштани, Крушево и соседните општини се гневни на оваа одлука бидеќи секојдневно треба да поминуваат по алтернативен и импровизиран пат до Прилеп каде што се најголемиот дел на јавни институции, а воедно и на многумина им е и работното место.
Воедно прашуваме каде беа СДС и градоначалникот Никола овие 4 години за да ги изградат овие мостови или сепак сечењето лента е приоритет пред избори како и секогаш, додека ДПНЕ молчеше и додека беше во опозиција и сега додека е на власт?! Затоа бараме итно решение за одржување на проодноста на патот додека траат градежните работи!“, порачаа од огранокот на партијата.