Поради маглата на скопскиот аеродром откажани 20 лета, два пренасочени, слетале 13 авиони, исто толку полетале


Фото: Б. Грданоски

На Меѓународниот Аеродром Скопје, поради намалена видливост предизвикана од  магла, од 00:00 часот на полноќ до 20 часот синоќа откажани се вкупно 20 летови (полетувања и слетувања), два се преносочени, а слетале 13 авиони и исто толку полетале, информира ТАВ Македонија. 

Слетале авионите од: Дортмунд, Виена, Хамбург, Брисел, Белград, Загреб, Франкфурт, Венеција, Париз (Буве), Хамбург, Берлин, Минхен (Меминген) и Цирих. Реализирани се летови за: Виена, Белград, Загреб, Брисел, Хамбург, Баден-Баден, Франкфурт, Берлин, Варшава, Базел, Барселона, а за Рим (Фјумичино) и Малме ќе полетаат.

– Бидејќи временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија.За патниците и јавноста повторуваме: сите капацитети на Меѓународниот Аеродром Скопје се во функција и аеродромот е отворен за авиосообраќај. Нашиот персонал, со нашата аеродромска опрема и аеродромски системи работат 24/7 и се подготвени да ги услужат и авионите и патниците, велат од ТАВ Македонија. 

Оттаму посочуваат дека промените во редовниот распоред на летање, се ажурираат на веб-страницата во реално време https://skp.airports.com.mk/, како што стигнуваат од авиокомпаниите. Доколку патниците имаат дополнителни прашања за нивниот лет можат да се обратат на пултот за информации во терминалната зграда или на телефонскиот број: +389 2 3148 333.