Поради грешка, вакцината на АстраЗенека доведена во прашање


АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд признаа дека настанала грешка при тестирање на вакцината за коронавирусот, што предизвика многу прашања во врска со првичните резултати што ги објавија.

Соопштението е објавено вчера, само неколку дена откако компанијата и универзитетот објавија дека нивната вакцина е „многу ефикасна“, не спомнувајќи зошто некои од учесниците во испитувањето не примиле цела доза за време на првата од двете вакцинации, пишува списанието „Тајм“.

Всушност, подоцна се покажало дека групата што примила помала количина вакцина е подобро заштитена од волонтерите кои примиле цели две дози.

Во групата со мали дози, според АстраЗенека, вакцината се чини дека е ефикасна кај 90 проценти од случаите, додека кај групата со две дози, ефикасноста била 62 проценти. Комбинирајќи ги двете групи, компанијата соопшти дека вакцината дејствувала во 70 проценти од случаите. Сепак, начинот на добивање на резултатите натера многу експерти да ги преиспитаат своите методи.

Во вчерашното соопштение на Оксфорд се вели дека некои шишенца што се користеле во испитувањето немаат соодветна концентрација на вакцината, па затоа некои волонтери добиле половина од дозата. Универзитетот соопшти дека разговарале за ова прашање со регулаторите и се согласиле да го завршат тестирањето во доцната фаза со две групи. Според нив, проблемот поврзан со производството е коригиран.

Експертите велат дека релативно малиот број луѓе во групата со пониски дози отежнува да утврди дали ефективноста забележана во групата е вистинска или статистичко отстапување. Приближно 2.741 лица добиле половина доза вакцина, по што следувала цела доза. Вкупно 8.895 лица примиле две целосни дози.

Факт што исто така предизвикува сомнеж во студијата е дека никој од луѓето во групата со мали дози не биле постари од 55 години. Експертите се согласуваат дека помладите имаат тенденција да имаат посилен имунолошки одговор од постарите луѓе, што секако може да биде еден од одлучувачките фактори за конечните резултати, наведува „Тајм“.

Одлуката е да се комбинираат резултатите од две групи учесници кои добиле различни нивоа на дозирање за да се постигне просечна ефикасност од 70 проценти, исто така е сомнителна, рече Дејвид Салисбури, соработник на глобалната здравствена програма во Чатам хаус.

– Направивте две студии во кои се користени различни дози и дојдовте до резултати кои не претставуваат ниту една доза. Мислам дека многу луѓе имаат проблеми со тоа, рече Салисбури.

Сара Гилберт, една од научничките од Оксфорд која го водеше истражувањето, рече дека одговорот на прашањето зошто помалата доза се покажала како поефикасна, сè уште е непознат и дека причината веројатно се однесува на давање точна количина на вакцина што ќе предизвика најдобар имунолошки одговор.

Тоа е како во бајката за Златокоса и трите мечки. Важно е да ја дадете вистинската доза, не премалку и не премногу. Премногу може да ви даде лош одговор. Значи, ја сакате вистинската количина и по малку нагаѓате кога сакате толку брзо да успеете толку од прв пат, рече Гилберт.

Деталите за резултатите од испитувањата ќе бидат објавени во медицинските списанија и ќе им бидат доставени на британските регулатори за да можат да одлучат дали ќе ја одобрат дистрибуцијата на вакцината. Овие извештаи ќе вклучуваат детална анализа која вклучува демографски и други информации за тоа кој се разболел во секоја група и ќе обезбеди поцелосна слика за ефективноста на вакцината.