Автобусите постепено се вклучуваат во сообраќај, полицијата ги проверува по дојавата за бомба
Вработен пратил заканувачки меил, дека поради нередовното земање на плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП, која би експлодирала денес за време на протестите, велат од МВР

Полициски екипи за антитероризам се во дирекцијата на ЈСП „Скопје“ во населбата Автокоманда по дојавата од вработен во претпријатието за поставена бомба во едно од возилата. По налог на МВР, утрово сите возила на ЈСП „Скопје“ беа повлечени од сообраќај. По соодветна безбедносна проверка, автобусите постепено се вклучуваат во сообраќај.
Од ЈСП „Скопје“ информираат дека лицето вработено во нивното претпријатие, кое ја испратило заканата е приведено од страна на МВР.
-ЈСП нема да дозволи било какви уцени, закани, притисоци и обиди за саботажи да го нарушат работниот процес на претпријатието и ќе продолжи да работи во на интерес на граѓаните. Безбедноста и сигурноста на вработените во ЈСП и скопјани секогаш е приоритет на претпријатието, информираат од ЈСП „Скопје“.
МВР соопшти дека од полициски службеници е приведен Ј.И. вработен во ЈСП „Скопје“, по претходна пријава околу 5 часот од ЈСП „Скопје“.
-Ј.И. од неговиот меил на службениот меил на ЈСП „Скопје“ и на мејловите на сите директори, службите за финансии, правни и други служби во ЈСП „Скопје“ со закана дека поради нередовното земање на плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП, која би експлодирала денеска за време на протестите, се вели во соопштението.
Претходно ги објавивме првите информации за „бомбата“ во ЈСП која од сообраќај ги повлече сите автобуски линии.
„Денеска од полициски службеници е приведен Ј.И. вработен во ЈСП, по претходна пријава околу 5 часот од ЈСП дека од неговиот меил на службениот меил на ЈСП и на мејловите на сите директори, службите за финансии, правни и други служби во ЈСП со закана дека поради нередовното земање на плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП, која би експлодирала денес за време на протестите“, велат од МВР.
Претходно објавивме дека, вработените на ЈСП Скопје во пунктот во скопско Ѓорче Петров, но и во Автокоманда, утринава не можеа да отидат на своето работно место.
Според информациите од вработените, има дојава за подметната бомба во кругот на претпријатието.
Забележливо е зголемено полициско обезбедување. Информациите се дека сите автобуси се повлекуваат во гаража во случај во некој нив да е поставена бомба.
Од ЈСП Скопје, потврдуваат дека заканувачки меил им стигнал доцна синоќа, па додека не се провери, сите возила се повлекуваат во гаражите.
Од МВР велат дека настанот е пријавен и истиот се проверува.
Утрово, низ главниот град има хаос во сообраќајот. Приватните автобуси се единствените кои превезуваат патници, па се преполни. Луѓето ниту можат да се качат во автобус, ниту можат да се симнат. Автоматските врати едвај успеваат да се затворат за автобусот да замине од постојките.

Сите автобуски постојки се полни луѓе, кои чекаат автобуис за да стигнат на работните места.
Автобуси на ЈСП можеа да се видат околу Железничката станица, но тие беа празни.
Инаку, за денеска, градоначалничката Данела Арсовска најави штрајк, односно се закани дека поради неисплатени долгови кон ЈСП „Скопје“, особено поради непрефрлените пари за ученички и студентски билети, ќе ги паркираат авотбусите пред Владата и пред институциите.
Претходно пак, возачите на ЈСП и вработените во сервисот најавија дека нема да возат додека Арсовска не им обезбеди пари за плати за сите месеци до крајот на годинава.
Вработените ја немаат земено септемвриската плата.