Поплави во Јапонија: Еден загинат и седум исчезнати
Едно лице загина, а најмалку седум се водат за исчезнати во саботата во централна Јапонија, каде на десетици илјади луѓе им беше наредено да се евакуираат поради поплавите предизвикани од обилните дождови.
Во Ишикава едно лице загина, а две се тешко повредени, се вели во соопштението на регионалната влада, во кое се додава дека три лица исто така се водат како исчезнати.
Уште четири лица кои работеле на поправка на патишта во Ваџима, каде што неколку згради се поплавени, а патиштата се непроодни поради лизгање на земјиштето, се сметаат за исчезнати.
„Околу 60 луѓе работеа на поправка на еден пат… но тој дојде до одрон“, изјави за AFP официјален претставник на Министерството за инфраструктура и транспорт Који Јамамото.
Спасувачите се на пат, но тие се блокирани од лизгање на земјиштето, додаде тој.
Покрај тоа, околу 44.700 жители на градовите Ваџима, Сузу и Ното, во префектурата Ишикава, беа замолени да ја напуштат областа, соопштија локалните власти.
Уште 16.700 жители во префектурите Ниигата и Јамагата, северно од Ишикава, исто така, беа замолени да се евакуираат.
Според властите на Ишикава, многу згради биле поплавени, а одроните блокирале некои патишта. 6.000 домови се без струја.
Јапонската метеоролошка агенција ја стави префектурата Ишикава во состојба на зголемена готовност, предупредувајќи на „смртоносна“ опасност.
Премиерот Фумио Кишида побара од владата „да направи се што може (…), при што прв приоритет е спасувањето човечки животи“, изјави за новинарите владиниот портпарол Јошимаса Хајаши.
Нивото на врнежи во Јапонија достигна рекордно ниво во последните години во неколку делови од земјата, понекогаш со смртоносни поплави и лизгање на земјиштето.