Пописот на населението ќе се спроведе од 1 до 21 април 2020 година


На територијата на Македонија следната година од 1 до 21 април ќе биде спроведен долгоочекуваниот попис на населението.
Како што истакна директорот на Државен завод за статистика, Апостол Симевски, пописот ќе трае три седмици и истиот ќе чини околу 8,5 милиони евра.
„Во претстојниот попис ќе учествуваат околу 6.000 лица. Тој ќе ги опфаќа сите лица, вклучувајќи ги тие што се присутни и отсутни од државата. Со законот е предвидено, оние кои нема да се самопотпишат, податоци да дадат оние кои најдобро ги познаваат. Очекуваме за шест месеци по пописот, да имаме конечни резултати“, рече Симевски.
Според него, пописот е скапа операција, трае долго време и ќе чини околу 8,5 милиони евра.
„Дел од тие средства ќе се потрошат во оваа година со цел да се снабдиме со опрема. Пописот ќе трае од 1 до 21 април, 2020 година. Ќе имаме една седмица за дополнително проверки. Што се однесува до дијаспората, класичен попис нема да има. Тие ќе имаат можност да се потпишат преку посебна веб-апликација“, истакна Симевски.
Директорот појасни дека пописот ќе се спроведува електронски, а ќе даде податоци за географски, демографски, економски, образовни, етно-културолошки, религиски карактеристики и податоци за лица со посебни потреби.
Симовски вели дека со новиот попис што ќе се спроведе по 16 години, нема да има можност за двојно попишување, затоа што еднаш внесен матичен број во системот, покажува дека лицето е веќе попишано.
Во пописот на населението, домаќинствата и становите ќе бидат ангажирани околу 6.000 лица, од кои 5.000 попишувачи, 500 реонски инструктори, 200 државни инструктори и членови на пописните комисии.
За прв пат се користи комбиниран метод, односно податоци што ќе се собираат на терен, но и податоци од државни регистри.
Целата територија на државата ќе биде поделена на 45 пописни реони.