Понудата на Орбан да помогне во решавањето на спорот со Бугарија се уште е на маса


Понудата на унгарскиот претседател Виктор Орбан да помогне во решавањето на спорот со Бугарија за да се одблокираат преговорите на Македонија со ЕУ се уште е на маса, објави денес унгарскиот министер за ЕУ прашања, Јанош Бока, но досега и од Софија и од Скопје има молк за неговата иницијатива. 

На заедничката прес-конференција во Скопје со министерот за европски прашања Орхан Муртезани  Бока порача исто така дека евроинтеграцијата се уште нема алтернатива и дека Македонија досега требаше да биде членка. Според негова оценка, на Македонија и треба ЕУ, но и обратно, на ЕУ и треба Македонија. 

– Постои силно стратешко партнерство меѓу Унгарија и Северна Македонија кое се темели на споделени вредности и заемни интереси, а тоа се однесува и на прашањата на евроинтеграцискиот процес. За време на унгарското претседателство со ЕУ се обидовме и успеавме да го ставиме во преден план проширувањето, помогнавме за усвојување на реформската агенда за земјата, како и за влезот во СЕПА – единствената област на плаќања во евра, што исто така ќе биде голем исчекор за Северна Македонија, рече Бока.

Тој потсети дека двете влади веќе одржаа заеднички меѓувладини седници во Охрид и во Буримпешта, а нов исчекор во билатералните односи меѓу двете земји е денешното потпишување на Меморандумот за соработка кој меѓу другото треба да и помогне на земјата во искористувањето на европските фондови. Притоа најави дека наскоро министерот Муртезани треба да дојде во Будимпешта за да се договори работниот план преку кој Унгарија во сите сфери ќе ја помага евроинтеграцијата на Македонија, главно преку обуки но спомена и соработкат на нашата и унгарската мисија во Брисел. 

Министерот Муртезани од своја страна истакна дека Северна Македонија и Унгарија се поврзани со длабоки пријателски врски, а билатералната соработка добива уште позасилена динамика со денешното потпишување на Меморандумот. Унгарија, нагласи тој, одамна ја има нашата благодарност за гласната поддршка за нашиот евроинтегративен пат и подвлече дека особено ја цениме нејзината улога како претседавач со Советот на ЕУ имајќи предвид дека токму за време на унгарското претседателство со Советот на ЕУ минатата година прашањето за проширувањето на Унијата и интеграцијата на ЗБ беше ставено високо во приоритетите на претседавањето а со тоа и на европската агенда.

– Министре Бока вашата постојана гласна и принципиелна поддршка за интегрирањето на Северна Македонија и Западен Балкан во Унијата што побрзо е вистински пример за пријателство во пракса. Круна на таа посветеност е денешното потпишување на Меморандумот за соработка кој поставува цврста рамка за долгорочно и структурирано партнерство во областа на европските интеграции. Со потпишувањето на овој Меморандум на нашата веќе блиска соработка и даваме институционална димензија и стабилна рамка. Овој документ не претставува само формализирана административна алатка туку е израз на нашата заемна посветеност за продлабочувањето на партнерството преку размена на знаења, искуства и заеднички напори кон усвојување на европските стандарди. Со овој чекор Северна Македонија и Унгарија уште еднаш покажуваат дека Европа не е само географија и бирократија туку заеднички вредности и дека политиката на проширување на ЕУ е една од најважните стратешки цели, рече Муртезани.

Тој додаде дека ние сме подготвени да учиме од унгарското евроинтеграциско искуство и оти како Влада која веќе ги има воспоставено структурите за координација со процесот на евроинтеграција во рамки на преговарачкиот процес ќе го искористи ова партнерство како дополнителен мотив за забрзување на нашата евроинтеграција.

Посетата Бока ја искористи и за да изрази жалење за трагедијата во Кочани оценувајќи притоа дека одговорот на нашата влада бил „брз, компетентен и одлучен“. Понуди помош и за во иднина ако овде се оцени дека е потребна.

Запрашан за односите на Будимпешта со брисел по гласањето за американската резолуција за Украина (само унгарија и Македонија од Европа преминаа на таа страна), тој малку избега од темата но ја објасни унгарската позиција што не наидува на добар прием во Брисел. 

-Унгарската влада има јасна и карактеристична европска политика. Ние веруваме дека европската интеграција треба да ги прави посилни земјите кога се заедно, отколку индивидуално. Ние имаме интерес ЕУ да биде успешна. Сега нема алтернатива на европскиот процес и во наш интерес е Унијата да функционира  за сите земји членки. Но, за да остане успешна и за да одговори на глобалните предизвици, треба да се смени фундаментално. И, не зборувам тука  за промена на одредени ЕУ политики туку за промена на методологијата, за  основите на институционалните промени.

Унгарското претседателство беше глас  на тие промени и покажа алтернативи, но сега тоа е работа на ЕУ. Ова секако предизвика конфликти и политички дискусии, но унгарската влада никогаш не се срамела да ги презентира силно своите позиции во Унијата. Всушност, суштината и основата на европската интеграција е – обединување во различитостите. Унгарската влада учествува во институциите на ЕУ на кооперативен и конструктивен начин, рече Бока.