Пониски цени на роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ до 2024 година


Црна Гора – Пониски цени на роаминг меѓу Западен Балкан и Европската унија и широкопојасен интернет за 95 отсто од домаќинствата до 2024 година се цели кои ќе се дискутираат за време на четвртиот дигитален самит на економиите на Западен Балкан, истакна генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, во подкаст на DSWB, што ќе се одржи во Подгорица од 11 до 13 октомври.

Таа изјави дека Тиранската пирамида, изградена како музеј на Енвер Хоџа, албанскиот диктатор, ќе се претвори во најголемиот регионален центар за дигитална трансформација на Западен Балкан.

– Нема подобар симбол од разговорот за дигиталната иднина на Западен Балкан, јадро на регионалната соработка. Тоа е движечката сила на заедничкиот регионален пазар и исто како и оваа пирамида, се гради еден пазар за сите шест земји. Имаме основа. Западен Балкан без роаминг од први јули. Додека патуваме во ЕУ од Балканот, плаќаме 43 пати повеќе за роаминг од останатите, нагласи Брегу.

Според неа, крајната цел е постепено намалување на цените на роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ и приближување кон домашните во следните пет години, наведувајќи дека веќе работат на тоа.

– Четвртиот дигитален самит на Западен Балкан ќе се одржи во Подгорица. Советот за регионална соработка е горд што е дел од оваа приказна. Освен што брзо ќе го почнеме процесот на намалување на трошоците за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ, ќе бидеме фокусирани и на подобрување на нашата дигитална инфраструктура, посочи Брегу.

Според неа, најважната цел е да обезбеди широкопојасен интернет за 95 проценти од домаќинствата до 2024 година.

Дигиталниот самит на Западен Балкан 2021 година се одржува како дел од Берлинскиот процес и како иницијатива координирана од Советот за регионална соработка

Домаќин и организатор на годинешното издание е Министерството за јавна администрација за дигитално општество и медиуми во име на Владата на Црна Гора, додека генерален спонзор е компанијата М:ТЕЛ, јави РТЦГ.