Помалите трошоци не ги намалија цените: Европските супермаркети очекуваат големи профити
Придобивките од пониската инфлација се уште не ги чувствуваат граѓаните кои купуваат храна и основни потреби
Европските супермаркети би можеле да ги надминат очекувањата на пазарот со заработка оваа година бидејќи ги одржуваат високите цени на намирниците, и покрај пониските трошоци. Нивните сметки би можеле да бидат заматени од обидите на владите да ја скротат инфлацијата.
Инвеститорите се повеќе купуваат акции од синџири на супермаркети, како што се „Теско“ (Tesco) и „Карфур“ (Carrefour), чија заработка е зголемена поради зголемените цени на широк спектар на прехранбени производи, од тестенини до чоколади, пишува Ројтерс.
Нивната заработка ќе порасне посилно отколку што предвидуваше пазарот, според американската инвестициска банка ЏП Морган. Британската банка Баркли им препорачува на инвеститорите акции во „Теско“ „Карфур“ и „Сеинсбури“ бидејќи цените во нивните продавници остануваат високи и покрај пониските трошоци.
Инфлацијата во еврозоната значително ослабе во мај и се намали на 6,1 отсто, благодарение на поевтината енергија. Но, придобивките од пониската инфлација се уште не ги чувствуваат граѓаните кои купуваат храна и основни потреби.
„Не гледаме дека тоа се претвора во (пониски) цени, а проблемот е зголемувањето на маржите“, објаснува Дин Тарнер од британската филијала на УБС.
„Затоа што (компаниите) сè уште можат да ги зголемат цените под изговор на висока инфлација“, објаснува тој.
Во вакви услови акциите на синџирите супермаркети пораснаа во текот на првиот квартал, но прашање е дали овој тренд ќе продолжи. Европските влади и регулатори се сомневаат дека ги држат цените на неразумно високо ниво, пишува Ројтерс.
Најголемите француски прехранбени компании ветија дека ќе ги намалат цените на стотици производи од јули, објави во петокот министерот за финансии Бруно Ле Мер, заканувајќи се со финансиски санкции доколку го прекршат ветувањето.
Британскиот регулатор за конкуренција во мај ги предупреди супермаркетите дека ги надгледува нивните синџири на снабдување како дел од напорите да се справи со проблемот со вртоглавото зголемување на цените на храната.
Поради овие реакции, индексот на акциите на компаниите за трговија на мало со храна и основни потреби падна за шест отсто од мај. Тој скокна за 13 отсто во првиот квартал, најсилниот од 2015 година, по падот од 25 отсто во 2022 година. Паднаа и акциите на производителите на храна и пијалаци.
Супермаркетите обично имаат ограничен простор за преговарање за цените, но нивната позиција сега е променета. Истото се случило и со прехранбените гиганти како „Данон“, „Нестле“ и „Линд“ , според податоците на Рефинитив.
Официјалните податоци покажуваат дека основните трошоци на прехранбените компании драстично паднале оваа година, пишува Ројтерс.
Индексот на цените на основните прехранбени производи, што го состави агенцијата за храна на Обединетите нации, ФАО, падна на најниско ниво во последните две години во мај и е за повеќе од 20 отсто под рекордното ниво од март 2022 година.
Цените на бензинот во Европа, кои многумина го сметаат за главна причина за повисоките трошоци за компаниите, исто така паднаа на нивоата од јули 2021 година.
Се чини дека главната причина за поскапувањата во развиените економии е профитот, заклучуваат во швајцарската банка УБС.
„Цените постојано растат, на месечна основа, што сугерира дека (објаснувањето) не може да се сведе на (повисоки трошоци)“, рече Тарнер од УБС.