Полупразни плажи во Црна Гора – лежалките некаде чинат 200 евра

Туристичката сезона  во Црна Гора е пред колапс. Најмногу поради многу високите цени, а и Србите не доаѓаат годинава


Некои плажи во Црна Гора се исклучително скапи

 

Полупразни плажи, тераси од кафулиња и ресторани и повеќе од 50 проценти од достапните апартмани и соби во приватниот сместувачки капацитет потсетуваат на периодот за време на пандемијата, а мештаните на црногорското крајбрежје сè уште чекаат конечно да започне сезоната, иако јули веќе завршува. И покрај слабиот одѕив на гости оваа година, цените, сепак, не паѓаат, а неодамна јавноста беше разбранета од веста за лежалките во Пржно, во близина на Свети Стефан, кои чинат 200 евра, иако на градските плажи просечната цена се движи од 15 до 120 евра, додека приватниот сместувачки капацитет се нуди по цени од 40, 90 евра и повеќе, во зависност од локацијата и капацитетот, пишува „Нова.рс“ во својот извештај.

Иако странските јазици можат да се слушнат на секој агол – италијански, германски, шпански – и иако поголемите крајбрежни градови во Црна Гора се преполни со Руси, Украинци и Турци во текот на целата година, мештаните велат дека чекаат само – Срби.

„Гостите од Србија трошат сè што ќе донесат за седум дена и се враќаат дома, не ги жалат парите, не штедат на одморот, а овие другите се скржави. Не ни требаат такви туристи. Оваа година имаме невообичаено малку гости од Србија и Босна. Луѓето, се чини, немаат пари за сместување или храна од продавницата затоа што сè е толку скапо што не знам ни како преживуваме. Ги нема ни тие ‘туристи со домати’. Сепак, мислам дека треба што поскоро да ги намалиме цените, за да може август барем да ни спаси дел од сезоната“, нагласува Милјана, која води салон за убавина во Будва. Некои локални жители ја обвинуваат политиката за слабиот одѕив на гостите од Србија оваа година.

„Оние што годинава започнаа бизнис на море веќе се плашат од долгови и можен банкрот. Еден пријател отвори кафуле на плажа, киријата е огромна, неколку десетици илјади евра за сезона, што сигурно нема да може да го покрие годинава. Ова не е како во времето на корона вирусот, но е многу слично. Тука цените во кафулињата се високи, но тоа не го одлучуваме ние келнерите, туку сопствениците и државата. Ако сакаат да привлечат туристи, нека ги намалат цените“, вели Јовица, келнер кој послужува и во кафулето и на плажа на црногорскиот брег.

Повеќето сопственици или закупци на барови, ресторани и кафулиња на плажа поседуваат и дел од плажата каде што наплаќаат за чадори и лежалки.

Еден ден на плажа – 50 евра

Сепак, најскапата работа е токму на плажа.

За четиричлено семејство, еден ден – или поточно неколку часа на плажа – чини најмалку 50 евра. Плажите се полни со лежалки, па туристите се принудени да плаќаат за сончање, иако многумина можеби само ќе рашират крпата – што не би ги чинело ништо.

Таму каде што има лежалки – крпите се забранети, а цените на кафето, соковите, алкохолот и оброците се до три пати поскапи отколку во кафулињата далеку од плажата и центарот на градот. Дури и сладоледот чини два до три пати повеќе отколку во продавниците.

Туристи има, но тоа е недоволно да се се спаси сезоната

„На градските плажи цените се пониски, се движат од 15 до 40 евра, но штом се преселите малку подалеку, некаде каде што има поголема удобност, цените скокаат – до 120, 150 или дури 200 евра. Малкумина можат да си го дозволат тоа денес, па оние што водат бизниси остануваат без клиенти и запаѓаат во долгови, а оние што би сакале да дојдат на море – не доаѓаат затоа што едноставно не можат да си го дозволат“, објаснува Јовица.

Сладолед за две деца на плажа чини 6 евра (нема поевтино од 3 евра), кафето е околу 3 евра, домашното пиво од 4,5 до 5 евра, најевтините лежалки и чадор 15 евра, а оброк за четиричлено семејство во ресторан за брза храна каде што се најниските цени, најмалку 20 евра.

Сепак, не е сè до плажата – најголемиот проблем, се чини, е кај мештаните кои издаваат приватно сместување.

„Минатата година сезоната започна подоцна, но во ова време веќе имавме гости и бевме полни. Оваа година, мај и јуни беа попрофитабилни од јули, а ќе видиме како ќе биде во август. Не разбираме што се случува. Добиваме повици од стари гости кои доаѓаат во ова време со години и велат дека не можат да земат одмор затоа што се плашат дека ќе ги изгубат работните места. Политичката ситуација во Србија е очигледно загрижувачка, луѓето се плашат за својата егзистенција и не мрдааат никаде“, вели за „Нова.рс“ Драган Поповиќ, кој издава сместување во близина на Петровац.

Туристите од Велика Британија, Италија, Германија го поминуваат летото – во хотели.

„Ние, кои издаваме приватен смештај, најмногу се потпиравме на гости од Србија и Босна. Ги намаливме цените колку што можевме, но повеќе не можеме затоа што не се исплати. Имаме многу даноци и трошоци. Се чини дека оваа година е поисплатливо за туристите да одат во Грција штом кај нас нема никој. Имаме гости од целиот свет, но Србите ни се омилени – живееме од нив. Туристите кои не се од регионот не трошат многу. Доаѓаат три или четири дена, а потоа продолжуваат понатаму. Вечераат во ресторани, спијат во хотел, не оставаат бакшиш, не излегуваат во клубови“, вели Драган.

Како што објавија регионалните медиуми, туристите кои годинава го посетија делот од плажата во Пржно, кој му припаѓа на хотелот „Маестрал“, тврдат дека изнајмувањето две лежалки и еден чадор чини 200 евра – додека оваа услуга е бесплатна за гостите на хотелот.

Видеото објавено од „podgorički.portal“ на Инстаграм покажува дека плажата е целосно празна.