Полските власти признаа дека имаат шпионски софтвер Пегасус
Полските власти признаа дека имаат шпионски софтвер Пегасус. Високи функционери во полската влада во петокот рекоа дека Варшава купила напреден шпионски софтвер развиен од групацијата НСО со седиште во Израел, но негираше дека бил користен против политички противници.
Станува збор за компјутерската програма „Пегасус“, за која меѓународна новинарска истрага во јули објави информација дека била користена за хакирање на телефони на активисти за човекови права, новинари и опозиционери во 50 земји. Според откритијата, меѓу прислушуваните бил и полскиот сенатор Кшиштоф Бреиза, кој ја води изборната кампања на најголемата опозициска партија во 2019 година.
Претходно владини претставници одбија да коментираат дали Полска има пристап до Пегасус, повикувајќи се на законот за државна тајна. Во декември, заменик министерот за одбрана рече дека Полска не го користела софтверот.
Сепак, во интервјуто за конзервативен неделник во петокот, лидерот на владејачката националистичка Партија за закон и правда во Полска, Јарослав Качински, рече дека полските служби го имаат софтверот, објави Ројтерс.
„Пегазсс е програма што ја користат службите за борба против криминалот и корупцијата во многу земји… Би било лошо полските служби да немаат ваков тип на алатки“, изјави Качински за весникот.
Тој ги отфрли тврдењата на опозицијата дека „Пегасус“ бил користен за следење на оние што не се чувствуваат удобно со властите, нарекувајќи ги „целосна глупост“.Запрашан за Пегасус за време на прес-конференција, министерот за правда Збигњев Зиобро рече дека би било „срамота“ доколку полските служби немаат пристап до таква технологија за надзор.
Сенаторот Кшиштоф Брејза за ТВН24 рече дека „Јарослав Качински зборува глупости“ и дека „Качински и неговиот народ… го одзеле правото на Полјаците на слободни избори“.