Полска во конфузија како да се постави кон Бајден по поразот на Трамп
Претседателот Анджеј Дуда и популистичката влада беа едни од најверните сојузници на Трамп во Европа
Верниот сојузник на Доналд Трамп, полската популистичка влада се бори да го свари неговиот пораз и е загрижена дека избраниот претседател ќе биде далеку покритичен кон нејзините домашни политики, изјавија експертите во понеделникот.
Додека голем дел од светот ја поздрави победата на Џо Бајден во саботата, полскиот претседател Анджеј Дуда објави чудно срочен твит со честитки за неговата „успешна претседателска кампања“.
Дуда, исто така, пропушти да го спомене Бајден во говорот за ратификување на пактот за одбрана на САД и Полска, осврнувајќи се на „навистина жешкото време“ во политичкиот живот на САД.
Пред четири години, Дуда побрза да му ги испрати своите „најтопли честитки“ на Трамп многу брзо откако победата на кандидатот беше потврдена.
Државниот радиодифузен сервис на Полска ТВП исто така беше воздржан во врска со победата на Бајден, опишувајќи го како политичар „што некои американски медиуми го нарекуваат победник на претседателските избори“.
За време на викендот, ТВП ги цитираше Трамп и руските медиуми кои зборуваат за можна изборна измама.
„ТВП е поангажиран од Фокс њуз“, изјави за АФП политикологот Марчин Заборовски.
Заборовски рече дека владејачката партија Право и правда (ПиС) „е многу незадоволна од губењето на таков моќен сојузник на меѓународната сцена“.
„Изолирана во рамките на Европската унија, ПиС беше комфорна да биде поддржана од другата страна на Атлантикот благодарение на Трамп“, рече тој.
Во јуни, само неколку дена пред претседателските избори во Полска, Дуда го посети Трамп за време на неговата кампања и доби силно одобрување од американскиот лидер.
Дуда беше првиот странски лидер што ја посети Белата куќа откако за прв пат се намалија ограничувањата за корона вирусот.
Новиот избран претседател, кој е голем познавач на регионот на Централна Европа, несомнено ќе биде потежок партнер.
За време на средба со гласачите минатиот месец, кандидатот Бајден даде неколку критични забелешки за регионот.
„Гледате што се случува насекаде, од Белорусија до Полска до Унгарија и подемот на тоталитарните режими во светот“, рече тој.
Тој исто така ги критикуваше хомофобичните коментари дадени од лидерите во Полска, каде неколку региони беа прогласија за „ослободени“ од „ЛГБТ идеологијата“.
„ЛГБТК+ правата се човекови права – и ‘зоните без ЛГБТ’ немаат место во Европската унија или каде било во светот“, рече тој на Твитер.
„Полска ќе го изгуби статусот на привилегиран партнер и ПиС и претседателот Дуда се загрижени“, рече Ришард Шнепф, поранешен амбасадор на Полска во САД.
„Тие не знаат како ќе бидат третирани од новата администрација“, рече тој.
Но, Заборовски рече дека Бајден нема намера да ги нарушува стратешките односи меѓу двете земји, иако тој беше критички настроен кон Полска,
„Овие односи можат да останат силни – па дури и да станат посилни“, рече тој, осврнувајќи се особено на заедничкиот скептицизам кон Русија.
„Во области како што е политиката во постсоветскиот простор, Варшава има повеќе заедничко со Белата куќа на Бајден отколку со Трамп“, рече тој. (АФП)