Полска ќе престане да произведува електрична енергија од јаглен


Полска планира да одреди краен датум за исклучување на јагленот од производството на енергија, изјави денеска државниот секретар за клима Уршула Зиелинска, сигнализирајќи пресврт во енергетската политика.

Изборите во октомври ставија крај на осумгодишното владеење на полската партија Право и правда (ПиС), а новата влада на премиерот Доналд Туск се повеќе се залага за заштита на животната средина, тврди Зиелинска.

Составен дел на тој ангажман ќе биде и утврдувањето на крајниот датум за исклучување на јагленот од производството на енергија, најави владиниот претставник.

„Само крајниот датум ни дозволува (владата), индустријата и граѓаните да планираме. Така да, ние апсолутно ќе се обидеме да го одредиме крајниот датум“, рече Зиелинска за новинарите во Брисел.

Од јаглен произведуваат 70% од електричната енергија
Полска произведува околу 70 отсто од својата електрична енергија во термоелектраните на јаглен, фосилно гориво кое испушта најмногу јаглерод диоксид, иако во последните години го зголеми и производството на ветер и сончева енергија.

Претходната влада се договори со синдикатите јагленот да се ископува до 2049 година. Сепак, научниците предупредуваат дека во оваа деценија драстично треба да се намали емисијата на штетни гасови при согорувањето на јагленот за да се избегнат сериозни климатски промени.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика сите земји-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) постепено да го исфрлат јагленот до 2030 година.

Новата влада во Варшава ги разгледува климатските и енергетските планови и ќе им помогне на работниците и компаниите кои ќе ги сносат последиците од промените, нагласи државниот секретар за клима.

Пресврт во политиката на Варшава
Беше започната сеопфатна анализа со цел да се интензивираат овие напори, но и да се заштитат луѓето и компаниите кои би можеле да ги сносат најтешките последици и да им се овозможи на компаниите навистина непречено да преминат во нови, „зелени“ гранки“, рече Зиелинска.

Нејзините изјави претставуваат пресврт во политиката на Варшава, која досега се спротивставуваше на одредени еколошки мерки во ЕУ. Минатата година таа поднесе тужба против Брисел за да ја поништи климатската политика на Европа, вклучително и забрана за нови автомобили кои испуштаат јаглерод диоксид до 2035 година.

Полска е подготвена да ја прифати целта на Европската унија за намалување на емисијата на штетни гасови за 90 отсто до 2040 година и истовремено ќе бара да се најде решение за последиците во општеството, рече Зиелинска.