Политико: Русија и САД размислуваат за заеднички енергетски проекти на Арктикот


За време на вчерашните разговори во главниот град на Саудиска Арабија Ријад, делегациите на САД и Русија разговараа за заеднички енергетски проекти на Арктикот, пренесоа европските медиуми.

Политико објави дека првата средба на двете делегации, организирана по „изненадувачкиот телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин“, повторно ги ставила на дневен ред заедничките проекти со фосилни горива, пренесува Танјуг.

„На денешниот состанок во Саудиска Арабија, Русија и САД разговараа за можна соработка за енергетски проекти на Арктикот“, изјави за бриселскиот портал високиот руски преговарач Кирил Дмитриев.

Дмитриев, кој го предводи државниот руски Фонд за директни инвестиции (РДИФ), рече дека разговорите биле одржани на широк спектар на економски теми и дека двете страни разговарале за некои „специфични области на соработка“.

Руско-американските разговори во Ријад, кои ги маргинализираа Украина и Европа, предизвикаа загриженост во клучните европски метрополи поради стравувањата дека американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин ќе одлучат за иднината на Украина без значително учество на официјален Киев и неговите европски сојузници, пишува Политико.