„Политико“: Мнозинството Американци очекуваат победа на Трамп во 2020 година


САД – На помалку од една година пред претседателските избори во САД во 2020 година, поголемиот број од регистрираните гласачи оцениле дека најверојатно актуелниот претседател Доналд Трамп ќе освои втор претседателски мандат, покажуваат резултатите од најновата анкета на „Политико“.

Според анкетата 56 проценти од испитаниците изјавиле дека очекуваат Трамп да биде реизбран, од кои 85 отсто републиканци и 51 проценти независни. Ист став имаат и над 35 отсто од демократите.

Повеќе од осум од десет граѓани изјавиле дека се мотивирани да гласаат во 2020 година, а 69 проценти од нив се изјасниле дека се „многу мотивирани“. Најголем ентузијазам за гласање, според анкетата има кај демократите и републиканците, всушност секој четврти симпатизер на партиите се определил како „силно мотивиран“.

– Перспективата за реизбор на претседателот Трамп изгледа предизвикува ентузијазам кај избирачите во целиот политички спектар, нашите податоци покажуваат дека и републиканците и демократите се подеднакво расположени да гласаат на изборите следната година, изјави Тајлер Синклер заменик претседателот на „Морниг консалтинг“, фирма што ја изработи анкетата за „Политико“.

Анкетата е реализирана онлајн од 1 до 3 ноември при што се испитани 1.983 регистрирани гласачи.