Политичкиот пазар стана френетична трка уште пред изборите

За ВМРО-ДПМНЕ клучот во овој момент е како да ја привлече во својата орбита ЗНАМ. Албанската опозиција ќе ја има улогата само за бадентерово мнозинство


Фото: Б. Грданоски

 

Едните веќе објавуваат дека е создадена коалиција, другите дека ќе добиеле важни места во хиерархијата на МВР, трети повикуваат на конципирање „македонска платформа“, четврти зборуваат дека избеганите сопартијци работат во корист на лутите ривали, петти велат дека извикувањето националистички слогани била европска филозофија.

Македонската политика навлезе во чудно доба на френетичност. До изборите има уште осум дена, а актерите се однесуваат како резултатите да се веќе познати, мандатите поделени, владата во тек на правење, а опозицијата во фаза на толчење. Тешко може да се најдат вакви примери во Европа, но Македонија секогаш била по нешто единствена.

На пример, по лицемерните изјави на поразените претседателски кандидати дали би ги повикале нивните поддржувачи да гласаат за некој од двајцата преостанати ривали. Нивните изјави се навистина целосно опортунистички – па, јас не ги носам моите гласачи во џеб; кој сум јас да ги повикам оние што гласале за мене да поддржат некого и слични политички недоветности – и само ја одразуваат треската која ги зафаќа актерите дали би можеле да бидат повикани во новиот владин кабинет од претпоставениот мандатар.

Во Европа се прави сосема спротивното. Еве, да го земеме примерот од Франција – целокупната политичка сцена по првиот круг на последните претседателски избори во 2022 се изјасни кого поддржува во пресметката меѓу Емануел Макрон и Марин Лепен. Никој од оние што отпадна не споменуваше дека не ги држат нивните гласачи во џеб, туку се поставија идеолошки: дали треба да се запре екстремната десница или не. Огромниот дел од политичарите му дадоа поддршка на Макрон. Така е и наоколу во земјите каде претседателот се бира на општи избори: во Романија, во Бугарија, во Словенија, во Словачка, во Полска…

Само лицемерието, а не идеологијата и политичката одважност царува јавно во Македонија. И што е најчудно и најстрашно, граѓаните го толерираат тоа.

Да земеме неколку примери. Кога Христијан Мицкоски од завршниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид пред првиот круг објави дека неговата партија објавува мораториум во нападите кон Левица и ЗНАМ, Димитар Апасиев луто го одби со пораката: „Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен“. Потоа дојде лошиот резултат на Билјана Ванковска за пред ден-два Левица да испрати понуда до македонските партии да потпишат заедничка платформа со која ќе им се спротивставеле на партиите на Албанците. Тој документ Левица го нарекува „македонска платформа“ и намерата е да се утврди национален консензус. Во тоа салто мортале на Левица Јована Мојсоска, носителка на листата во „Петката“ вчера изјави: „Ние подаваме рака до ДПМНЕ, за заедно да не се донесат уставните измени и да се спречи внесувањето на Бугарите во Уставот“.

Левица самата почна да признава дека веројатно е на маргинализираните територии на политиката, дека очекувањата од изборите на 8 мај веројатно им се преголеми и дека е време прикриените односи со главната македонска националистичка партија треба да станат и јавни топли врски. Мицкоски и другите вмровски првенци веќе не ја споменуваат Левица во јавните настапи. Таа влезе во фазата на игнорирање затоа што самата се приклучи во трлото на главниот опозициски стопан.

За ВМРО-ДПМНЕ клучот во овој момент е како да го привлече во својата орбита Максим Димитриевски и неговата партија ЗНАМ. Главниот проблем на Димитриевски е дали јавно да повика неговите гласачи да ја поддржат Гордана Силјановска-Давкова, што може да доведе до внатрешни идеолошки ломови кај многу од нив, затоа што тие се, во основа, природни сдсмовци, иако од групацијата на патриотски разочараните. Ако дојде таквиот повик тие треба да гласаат за својот довчерашен архи-непријател. И да разберат дека на Максим Димитриевски не му е до ништо друго освен да влезе во власта, а во неа ВМРО-ДПМНЕ е добар партнер. Како и во Куманово. Димитриевски вчера го направи вториот чекор кон партнерството со ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека СДСМ „се однароди, не само од сопственото членство, туку и од народот“. А тој и Мицкоски се на страната на народот.

СДСМ премногу амбивалентно се однесуваше кон ова подривање на Димитриевски на партијата, надевајќи се на којзнае што. Венко Филипче (носителот на листата во „Четворката“), во понеделникот вечерта од Неготино отворено и брутало го кажа она што подолго време неговите сопартијци тивко го говореа: „Нека не ве лажат кога ви кажуваат дека глас за ЗНАМ е глас за социјалдемократска партија. Или дека пак тоа не е против СДСМ. Така лажеа пред првиот круг, така веќе не можат да лажат. Последниве два дена паднаа маските и станува јасно дека глас за ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче. Дали е предоцна ваквото обраќање ќе се знае вечерта на 8 мај.

Албанската опозиција е толку нестрплива да завршат изборите и да влезе во власта што тоа станува дури и трагикомично. Де веќе биле договорени функции, де уставните промени се услов, де ќе може да се даде некаков грејс период на прилагодување, де дека уставните измени се комплициран процес, де дека треба да се оствари контакт со пријателите од меѓународната заедница, а „исто така и со бугарската страна“ (Африм Гаши). Другиот актер од четиричлената група, Изет Меџити, веќе не кажува дека уставните измени се клучен услов за влегување во коалициската влада, но дека ќе бидат во влада која е проевропски настроена.

Во оваа френетичност изгледа и на четворката од албанската опозиција ѝ е јасно дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат заедно 61 пратеници тие ќе бидат со нив да ја пополнат бројката за бадентерово мнозинство. Во основа дека нивното можно пресудно влијание е на вториот колосек.

Во ДУИ изгледа дека почнуваат да разбираат оти навистина може да не бидат дел од идната влада. Што е рамно на природна катастрофа за нив од катаклизмични размери. Ден по првиот круг на гласањето Артан Груби отиде со цела свита поддржувачи со триумфална егзалтираност пред општината Чаир со еден куфер велејќи дека тоа ќе ги чека сите албански опозиционери низ државата. Тој најави дека ќе оделе со таков куфер секаде каде што опозицинерите се локална власт. Но тоа беше сѐ. Артан Груби веќе не отиде на ниедно друго место. А можеби си го чува и куферот за себе ако се сели од канцелариите.

И најпосле, новиот пропаганден спот на ВМРО-ДПМНЕ го покажа спротивното на она што Гордана Силјановска-Давкова се обидуваше да го тврди цело време – дека таа е независна кандидатка поддржана од опозицијата. Таа и Христијан Мицкоски седат во фотелји еден до друг кажувајќи изборни слогани претставувајќи го новото раководно дуо на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е последниот круг на фенеменалната трансформација на посветената либералка од првата влада на Бранко Црвенковски во неформален раководител на националистичката партија. Вакво јавно манифестациско поистоветување со ВМРО-ДПМНЕ не го направи дури ни Ѓорге Иванов, партискиот идеолошки гуру во едно време.