Политичкиот јазик на ново долно ниво: ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ „лае“


 

Откако денеска СДСМ преку соопштение повторно укажа на изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека „Вреди“ ќе вработел 3.000 Албанци во администрацијата ВМРО-ДПМНЕ ги нарече „кучиња загари“ кои „лаеле“.

„Изет Меџити најавува робусна, историски најголема партизација на институциите со вработување на 3.000 партиски кадри во администрацијата а Мицкоски молчи. Таравари рече дека прво треба да се решат етничките прашања а потоа да се зборува за економија. Меџити има стратегија за вдомување прво на партиските кадри. А Мицкоски си молчи.

Молкот на Мицкоски значи дека робусната операција за партизацијата на администрацијата е веќе договорена работа пред изборите. Ова е скандал од огромни размери, кој говори дека зад лажниот патриотизам се крие систем на клиентелизам и корупција и затоа мора да има одговорност“, рече СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли наводите на запртизација. „СДСМ повторно шири лаги и се обидува да ја замајува јавноста со невистини за наводна партизација. Фактите се јасни – Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ги повторува нивните грешки“.

Во соопштението се додава: „истинската причина за оваа хистерија на СДСМ е нешто друго – нивната упорна желба да останат вазали на ДУИ. Наместо Ахмети и Груби сами да се правдаат за скандалите и катастрофалните политики што ја уназадија државата, СДСМ им ја завршува валканата работа, лаејќи по ‘Вреди’. Овој нивен рефлекс е одамна познат – служат како кучиња-загари на режимот кој доживеа колапс на изборите“.