Политичкиот инает во Битола закочи европски проект од 400 илјади евра
Прашањето е, дали да се реконструира објектот „Парк“, што е во целината на просторот на обновениот со европски пари Офицерски дом во Битола или да се изградат нови велосипедски патеки
БИТОЛА – Противењето на власта и опозицијата во Битола продолжува, а овој пат пречка на сопнување е европски проект и добиени средства од Европската Унија во висина од 400.000 евра. Едноставно кажано, прашањето е, дали да се реконструира објектот „Парк“, што е во целината на просторот на обновениот со европски пари Офицерскиот дом во Битола или да се изградат нови велосипедски патеки. Намерата да се пролонгира проектот негативно одекна во битолската јавност, особено кај граѓански здруженија и активисти кои со години наназад бараат велоинфраструктура.
Проектниот менаџер Ана Секуловска образложи дека пренамената на средствата е пред се поради поскапувањето на градежните материјали.
„Направивме истражување колку имаме велосипедски патеки, добивме цифра која навистина е мала. Преминавме кон тоа дали Делегација ќе ја прифати оваа активност, дали ќе ја финансира, затоа што проектот е на ЕУ. Имавме многу дискусии, преговарања и договарања. На крај добивме зелено светло од Делегацијата на ЕУ, дека може да се направи проект и да се реализира со парите кои што ги имаме во рамки на проектот, секако со кофинансирање на Општината. Овие велосипедски патеки ќе се протегаат од едната страна на улица „Васко Карангелевски“ и од двете страни на улица „Партизанска“, образложи Секуловска.
Опозициската СДСМ вчера на седница на Совет, со поддршка од независните советници на „Поинаку“ и Левица гласаа да ја тргнат точката за европскиот прекуграничен проект „Smart4you2“ од дневен ред.
„Заокружувањето на една средина, на еден грандиозен објект како што е Офицерски заедно со објектот „Парк“ е една визија и идеја. Не е добра слика за посетителите на Битола и за самите битолчани онакво ‘ругло’ како што е објектот „Парк“. Тој треба да биде информативен центар. Кој ги овласти да преговараат за пренамена на средствата, а сега бараат одлука на Совет? Делегацијата на Европската Унија е многу ригидна кога се работи во правила и процедури, тука нема отстапување. После сето ова најмногу губиме граѓаните и општината со негативна репутација. Комисија на ЕУ ова нема да ни го заборави. Затоа бараме повлекување на точката и писмено образложение зошто се пренаменуваат средствата“, рече советничката на СДСМ, Мирјана Захариевска-Ралевска.
Опозицијата кочи европски проект и тоа намерно, обвинуваат советниците од ВМРО -ДПМНЕ во Битола.
„Навистина е непријатна ситуација каде што европски проект се кочи. Претпоставувам дека е намерно, бидејќи за прв пат во Општина Битола ќе има изградено велосипедски патеки. Кога се аплицираше за проектот ‘Парк’, тогаш чинело 400.000 евра, но кога дојде за градоначалник Коњановски се соочивме со проблем, бидејќи идејниот проект немаше одобрение за градба. Требаше да се направи основен проект, статика, електрика… се комплет и проектот стигна до вредност од 900.000 евра. Значи општина Битола требаше да кофинансира 500.000 евра. Затоа баравме пренамена, наместо реконструкција на објект, да направиме велосипедски патеки. Во преговори со делегацијата на ЕУ , пренамената беше прифатена и беше склучен нов договор, каде што се одобрува да се направат велосипедските патеки“, рече Бојан Бојкоски, советник на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека – „Со ова е загрозува динамиката на проектот, треба да чекаме нова седница и нова волја на сите советнички групи, да се надвладее инаетот“, рече Бојкоски.
Вчера во Советот на општина Битола, едногласно беше изгласана донација од Кинеската амбасада од 6 и пол илјади евра за поставување на фотоволтаици во училиштето во село Долно Оризари.
Драган Велјанов од граѓанската асоцијација „Земи здив“, кои бараат од властите изградба на велодром во Битола критикува:
„Истите тие што се чукаат во градите за ЕУ, што ни ја пропагираат ЕУ и сакаат членство во ЕУ не почитуваат една обична одлука на ЕУ делегацијата со која на Битола ќе му бидат префрлени 400.000 евра и наместо тоа, тие сакаат на Битола да му бидат префрлени нула евра. Меѓу двете опции, оваа втората му била подобра. Наместо да земеме 400.000 евра од ЕУ, ние ќе дадеме уште 400.000 евра од буџет за да направиме мегаломански Инфо-центар во дивоградба која во катастар се води како времен објект“, критикува Велјанов.
Реагираше и Граѓанската организација „Битола на точак“ која исто така години наназад работи на целта „Не за моторизација на Битола, дајте простор за пешаци и велосипедисти“ и која постојано критикува дека Битола има „нула километри во велоинфраструктура“.
„Може да се разбере одлагање на проект ако не е доработен или фали документација, но не и отфрлање на точка од дневниот ред, особено ваква која е врзана до градежната сезона. За да се добијат потребните информации треба да е на дневен ред и да се соочат аргументите. Минатиот пат генералните забелешки беа за сечење на неколку дрвја. На вчерашното излагање градоначалникот најави дека ќе се оди без сечење на дрвја“, коментира Виктор Илиев од иницијативата „Битола на точак“.
Со пренамена на средствата од проектот Smart4you2, за реконструкција на тротоарите на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“,се очекува да се изведат и велосипедски патеки во должина од над 5 километри, со една заокружена велосипедска целина. Реконструкцијата ќе се изведе на веќе постојните тротоари, во ширина од 3 метри, без да се нарушува зелениот појас на улиците, објаснуваат од општината.