Политички судења, убиства и прогони: 2024-та една од најмрачните години во модерна Русија
Активистите за човекови права во Русија (OVD-Info) објавија годишно резиме на настаните во рускиот правосуден систем. Според нив, главните трендови од последниве години продолжија и во 2024 година – насочено политичко прогонство, напади врз ранливи групи и усвојување на сè порепресивни закони.
Според извештајот, 2.976 лица се соочуваат со политички мотивирани обвиненија во Русија денес, вклучително и 620 случаи покренати во 2024 година. Од оваа група, 1.407 луѓе сега се во затвор. Меѓу оние кои се зад решетки се 1.107 обвинети во „антивоени“ кривични случаи (вклучувајќи 62 новинари и блогери). Годинава, обвинителите отворија политички мотивирани случаи против 212 лица за јавни изјави, онлајн коментари, писмени забелешки и видеа. Се повеќе луѓе се праќаат во затвор, а условите зад решетки се влошуваат.
Повеќе од половина од казните донесени во политички мотивираните случаи во 2024 година резултираа со затворска казна – 55 проценти (378 од 679). За споредба, една година претходно оваа бројка беше 50 проценти (339 од 671). Во 2024 година, активистите за човекови права документираа 107 случаи на „дополнителен притисок“ каде што властите вршеле физичко или психичко насилство, не дозволувале медицинска помош или намерно приведувале луѓе во лоши услови. Тимот за борба против тортура регистрираше 304 пријави за тортура, малтретирање или прекршување на правото на живот од страна на државните органи.
Најстрашно е што луѓето кои се затворени од политички причини – умираат во притвор.
Алексеј Навални е убиен, четворица други починале во притвор, други двајца затвореници починале поради лошите услови во самицата, а друг затвореник починал како последица на повредите здобиени за време на притворот (вкупно осум смртни случаи).
Русија продолжува да наоѓа се повеќе „терористи“ (и луѓе кои ги „оправдуваат“ нивните дела).
Повеќето прогони иницирани во 2024 година беа поврзани со член 205.2 од Кривичниот законик на Русија, кој забранува „јавни поттикнувања на терористички активности, јавно оправдување на тероризмот и пропагирање тероризам“. Властите сè повеќе го користат овој статут против луѓе кои изразуваат одобрување за акциите на украинската армија или единиците кои се борат на нејзина страна.
Случајот „Бајмак“ беше најголемиот политички прогон во Русија минатата година. Политички мотивираниот случај во кој беа вклучени најмногу обвинети се случи во Башкортостан против демонстрантите кои се собраа на 17 јануари, денот кога беше осуден активистот Фаил Алсинов. Тој беше беше уапсен, а подоцна и осуден за наводно поттикнување омраза. Првично, демонстрантите се собраа пред судот во градот Бајмак, каде беше објавена пресудата, а подоцна демонстрираа во центарот на Уфа. Протестите станаа едни од најголемите во Русија од целосната инвазија на Украина (кога пратениците ги зголемија ограничувањата на јавните собири и ги криминализираа) Федералните истражители подоцна отворија кривично дело како одговор на наводните „масовни немири“ и почнаа да ги апсат активистите. Најмалку 79 луѓе на крајот беа вмешани.
Во 2024 година, судовите исто така роцесуираа 2.047 прекршочни случаи поднесени според член 20.3.3 од Кодексот за административни прекршоци на Русија за „дискредитација“ на армијата. Активистите за човекови права забележаа најмалку 70 случаи на „вонсудски притисок“ врз лица осомничени за противење на инвазијата на Украина. Во 2024 година, најчестата вонсудска алатка на државата за заплашување беа заканите, кои вообичаено вклучуваат принуда да се извинат јавно – практика што се рашири во последниве години.
Оваа 2024 година стана година на системска репресија против ЛГБТК заедницата во Русија.
Означувањето од страна на рускиот Врховен суд на „Меѓународното ЛГБТ движење“ како екстремистичка организација, кое стапи на сила на 10 јануари, доведе до ескалација на репресијата. Полициските рации насочени кон ЛГБТК лица станаа редовна практика. Досега, официјални лица отворија 12 истраги за кривични дела поврзани со „Меѓународното ЛГБТ движење“. Активистите за човекови права, исто така, документираа 53 случаи на прогон поради „ЛГБТ пропаганда“ (член 6.21 од Кодексот за административни прекршоци).
Државата исто така го искористи терористичкиот напад во март 2024 година во концертна сала надвор од Москва за популистички цели – и мигрантите страдаа. Од пролетта 2024 година, властите спроведоа „ревијални рации“ насочени кон работниците мигранти, проследени со масовни депортации. Полицијата изврши рација на места каде што странците често се собираат: заеднички станови, џамии, хостели, градилишта и пазари. Во овие рации луѓето се приведуваа без објаснување и често беа тепани. Во некои региони, како што е Санкт Петербург, овие рации се случуваат речиси секоја недела. Властите, исто така, воведоа нови ограничувања за странците со натурализирано руско државјанство: да положат заклетва и да се пријават во војска или да ризикуваат да го загубат државјанството. (Медуза)