Политички раскол во Црна Гора: претседателот Милатовиќ против премиерот Спаиќ


Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ

 

Јаков Милатовиќ, претседателот на Црна Гора, на платформата икс ја потврди разделбата со премиерот Милојко Спаиќ и државата влезе во голема поделба во највисоките ешалони на власта.

„Неодамнешните настани во Црна Гора за жал укажуваат дека доминантниот карактер на актуелната влада е антицрногорска и антиевропска и дека тоа се рефлектира во антиуставни дејствија, глорификација на ретроградните идеологии, економски популизам и колапс на добрососедските односи. Наместо да се фокусираме на реформите, евроинтеграциите, градењето на правна држава и општество на еднакви можности – неодговорните носители на најодговорните функции во државата секојдневно со своите постапки нѐ враќаат во минатото“.

Оваа објава од понеделникот добива на значење кога се знае дека претседателот разговарал со премиерот во петокот, цели четири часа без никакво обраќање до јавноста. Спаиќ пред средбата најави дека „неговата примарна задача е да го извади [Милатовиќ] од прегратките на ДПС (партијата на Мило Ѓукановиќ – н.з.) и опозицијата и да го повика да биде конструктивен и да излезе од овој маѓепсан круг на непотребни конфронтации“.  Очигледно, по разговорот се случи раскол.

Спаиќ и Милатовиќ ја основаа партијата Движење Европа сега (ПЕС), па така Милатовиќ на претседателските избори го собори од власт Мило Ѓукановиќ, а Спаиќ на парламентарните избори ја собори неговата Демократска партија на социјалистите (ДПС). Се чинеше дека е создадена нова, силна политичка опција која ќе ја води Црна Гора кон ЕУ. Потоа двајцата челници на партијата почнаа да се оддалечуваат меѓу себе.

Спаиќ ги внесе и просрпските партии во владејачката коалиција, а на нивниот лидер Андрија Мандиќ му ја додели функцијата претседател на собранието. Потоа Милатовиќ ја напушти ПЕС и со своја листа учествуваше на локалните избори во Подгорица. Во јуни, тие чекаа ЕК да потврди дека Црна Гора ги исполнила критериумите потребни за затворање на неколку поглавја од преговорите. Спаиќ потоа беше прашан во Брисел дали Црна Гора ќе гласа за резолуција за логорите Јасеновац, Дахау и Маутхаузен. Рече дека нема, а неколку дена потоа Мандиќ ја протурка низ Собранието, што наиде на остра осуда од Хрватска. Пред неколку дена, Црна Гора затвори три преговарачки поглавја, Хрватска блокира едно, Надворешна, безбедносна и одбранбена политика.

Неколку дена потоа во собранието надлежната комисија разреши дел од уставните судии и ја презеде улогата на највисок судски орган, со што беше прекршена поделбата на власта. Така започна нова политичка криза.

„Слободна Далмација“ толкува дека ова е важен чекор за Мандиќ и просрпските политички опции за да ги контролираат постизборните настани во Котор, Никшиќ и Подгорица – во главниот град отвора можност ПЕС да не биде дел на власта. Долгорочно, Мандиќ и неговите сојузници сакаат да го контролираат усвојувањето на закон со кој српскиот ќе стане официјален јазик и ќе овозможи двојно државјанство за Црногорците во Србија. Последново е особено важно бидејќи бројот на барања за црногорско државјанство би довел до тектонски промени во гласачкото тело, кое брои нешто повеќе од 400.000 души.

Затоа од Европската комисија во одговор на прашањето на хрватскиот европратеник Давор Иве Штиер за измените на Законот за двојно државјанство, велат дека внимателно го следат развојот на ситуацијата во Црна Гора, додавајќи: „ЕК ја очекува Црна Гора целосно да се запознае со ЕУ пред да донесе каква било одлука со нејзините намери“.