Политички е одговорно Коцевски да ја заврши истрагата за Кочани, вели Сиљановска

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со одлуката на владата за смена на републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, изјави дека во моментов е најважно да се остави обвинителството да работи и да се справи со трагедијата која „ги засега сите граѓани“.
„Мислам дека тоа е политички одговорно. Замислете ако вие после трагедија што цел живот ќе ја носиме, трагедија за која ни треба толеранција и единство за да се справиме, сега продолжите со барањето за оставка на јавниот обвинител, тогаш само ќе се комплицираат работите. Треба органот сега да се остави да работи и јас колку што гледам, постапува“, рече таа.
Претседателката дополни дека и таа, како што рече имала критички забелешки и не се откажува од нив.
„Но, мислам дека во моментов е најважно секој да си ја врши својата функција и надлежност за да можеме да се справиме со проблемот што нѐ засега сите, трагедијата нѐ засега сите. Затоа, дури и во процесуирањето на одговорните, треба многу да внимаваме, изјави Сиљановска-Давкова по Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, што се одржа денеска во МАНУ.