Политичката криза во Бугарија обесхрабрувачка за евроинтеграцијата на земјава, но разговорите Скопје-Софија на експертско ниво продолжуваат


Неуспехот на партијата победник на јулските предвремени парламентрани избори во Бугарија, „Има таков народ“ (ИТН) да обезбеди мнозинство за избор на нов владин кабинет и можноста за одржување трети парламентарни избори годинава, во Скопје се оценуваат како обесхрабрувачки вести за можноста за деблокада на евроинтеграцискиот пат на земјава.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера оцени дека ваквите вести од Бугарија не се охрабрувачки и истакна дека продолжува комуникацијата на ниво на министерства за надворешни работи, иако очигледно ќе биде потребно формирање политичка влада во Софија за надминување на разликите и деблокада на евроинтеграциите.

– За жал не се охрабрувачки вестите што доаѓаат од Бугарија во делот на формирање на институциите, бидејќи како што често нагласувам очигледно тоа се покажа како важен фактор во изнаоѓање на решение за надминување на разликите коишто се причина за оваа непринципиелна блокада на нашата европска перспектива. Ние бевме во очекување дека по овој втор обид ќе има инститиции за да можеме во тој политички дел да комуницираме и да изнаоѓаме решение, изјави Османи.

Тој сепак нагласи дека независно од ваквите настани, комуникацијата меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји продолжува и оти во изминатиот период имало директна комуникација на експертско ниво, при што се разговарало за прашањата отворени на последниот состанок во Софија и презентирани како можност за утврдување на патоказ за надминување на разликите.

Османи истакна дека земјава е подготвена да продолжи со разговорите и во исто време продолжува со реформите дома во делот на европската интеграција, во очекување на предвидливост во Бугарија за да можат да продолжат политичките разговори.

Шефот на дипломатијата смета дека претстојниот Самит на ЕУ на 6 октомври е исклучителна можност да се круниса успехот и да се даде сериозна порака кон Западен Балкан дека овојпат перспективата се враќа на својот колосек, но сепак признава дека многу работи зависат од тоа што се случува во Бугарија.

 

– Јас цело време бев на ставот дека политичка влада не е неопходна за да се донесе одлука за започнување на преговори, бидејќи политичката одлука е веќе донесена во март 2020 година со согласност и на Република Бугарија и првата меѓувладина конференција требаше да биде само техничко исполнување на една политичка одлука. Оттука се надевав дека може и техничка, односно службена влада да ја донесе таа одлука. Меѓутоа очигледно тоа се покажа како неможно и дека сепак ситуацијата во Бугарија е дојдена до тој степен, што одлуката не може да се донесе без да се формираат институциите, истакна Османи.

Тој нагласи дека комуникацијата ќе продолжи со техничката Влада во обид да се убеди Софија дека регионот и неговата европската перспектива не смеат да бидат заложник на внатрешните политички динамики на која било земја членка.

Во меѓувреме, денеска во Софија се чека Народното собрание да се изјасни за Нацрт-одлуката за повлекување на предлогот на победничката партија „Има таков народ“ за состав на новата влада, откако таа не успеа да обезбеди доволно гласови за нејзиниот избор.

По ова, согласно процедурата, се очекува шанса за формирање нова влада да добие втората по бројност партија во бугарското Собрание, „Граѓани за европски развој на граѓаните“ (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Борисов вчера најави дека доколку неговата партија дојде во можност да формира влада, таа ќе го предложи Даниел Митов за премиер. Според Борисов, доколку го добие мандатот ГЕРБ на претседателот Тумен Радев ќе му го претстави составот на Предлог-владата на Митов, но потоа веднаш ќе го врати мандатот.

Митов веќе беше кандидат за премиер на ГЕРБ по претходните парламентарни избори на 4 април, но тогаш не доби поддршка од другите политички партии и овој обид за формирање влада пропадна.

„Еуроњуз“ вчера во коментар за состојбите во Бугарија оцени дека земјата е се поблиску до трети парламентарни избори годинава. Бриселскиот портал потсетува дека бугарскиот претседател Радев сега може да им довери мандат за формирање влада на другите партии, но лидерот на ИТН, Слави Трифонов, веќе најави дека нема да поддржи ниту една од нив, со што шансите за обезбедување мнозинство за избор на нов кабинет се многу мали.

Доколку ова сценарио се потврди тоа ќе бидат трети избори годинава во Бугарија, која според „Еуроњуз“, со месеци е втурната во политичка криза без преседан од падот на комунистичкиот режим.

Порталот смета дека новите предвремени парламентарни избори би можеле да се одржат наесен заедно со претседателските избори на кои Радев ќе се кандидира за нов мандат и според најавите на Трифонов, ќе ја има поддршката на неговата партија „Има таков народ“. На претходните претседателски избори, Радев настапи како независен кандидат, но беше поддржан од Бугарската социјалистичка партија (БСП) и нејзините коалициски партнери.