Политичка пресметка со идеи


ГОРАН АДАМОВСКИ

Албанскиот премиер Еди Рама луцидно забележа дека сонцето во Албанија ќе огрее и на 19 октомври, алудирајќи на недобиениот датум за старт на преговорите за влез во Европската Унија. Уште и поентира дека без оглед на тоа, предвремени парламентарни избори во таа земја нема да има. Рама веројатно игра на картата дека има голема поддршка од САД, поради што се чувствува неприкосновен во својата земја и покрај опозициските протести, но има право барем за една работа: европските аспирации на Албанија продолжуваат и покрај новите шлаканици што ги добива од европските моќници.

И во Македонија денеска ќе огрее сонце, иако на многумина сè уште ќе им студи по ладното „не“ од Брисел. Влогот беше огромен, сменето беше името на државата, и покрај противењето на мнозинството од населението, со цел да се качиме на возот на кој доцниме триесетина години. Кај другиот не може да згрешиме, НАТО е сигурна станица.

Можеби и македонскиот премиер Зоран Заев, како и Рама, ќе рече дека нема предвремени избори и покрај неуспехот во добивањето датум за ЕУ, но вака или така на гласање ќе одиме следната година. Во декември 2020 година е терминот предвиден за редовните избори, така што разликата е во неколку месеци.

Поради тоа, јасно е дека политичките партии во земјава ќе го заострат вокабуларот, иако судејќи според нивното однесување тешко е човек да одвои кога сме, а кога не сме во кампања. Навредите, клеветите, ниските удари, лажните вести, шпекулациите и оцрнувањата кон и на политичките противници станаа дел од нивните секојдневни препукувања, на кои јавноста толку се навикна што, за жал, престана да реагира.

Затоа, стремејќи се да ги достигнеме вредностите на оние што упорно нè блокираат, нашите политички елити треба да сфатат дека политичкиот ринг не значи пресметка со соперникот, туку размена на идеи, програми и визии. Оттука, разбирливо е што опозицијата нема веќе трпение за владата и не може да почека уште една година уверена оти сигурно ќе победи на изборите, но за да го направи тоа треба да претстави во што и на кој начин ќе биде подобра од власта во остварувањето на ветувањата. На тој начин се придобиваат гласачите и довербата меѓу граѓаните. За пресметка со оние што се огрешиле на кој било начин постојат институции. Нивна задача е да ги израмнат сметките со грешните, иако, како што се однесуваат, се добива впечаток дека во државата само чесните страдаат.

Работа на секоја влада е да обезбеди услови за функционирање на општеството на сите полиња. Да, и тука ќе се најдат аргументи да се констатира дека властите, всушност, ги злоупотребуваат институциите и ги прават нивни робови.

На крајот сите ќе се сложиме дека политичарите и партиите се виновни што демократскиот амбиент на овие простори никако да заживее и покрај тоа што од комунизмот требаше да се разделиме многу одамна.

Кога на владата ќе ѝ помине разочарувањето од Брисел, ќе се сети оти нема друг правец, па емотивните пораки на лутина ќе ги замени со рационалност. Опозицијата веќе најави оти владата што ќе ја предводат ќе ја внесе земјава во европското семејство. Штом и едните и другите се согласуваат оти таму е нашиот дом, тогаш останува низ еден пристоен и коректен пристап да ги соочат своите аргументи во битката за гласови.