Политичарите секогаш се невини


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Најмачниот ден што го доживеавме оваа година, апсењето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, некој го илустрираше со славниот бројчаник на Триумфалната порта испишан со зборовите – „Двосед, тросед, табуретка“. Тоа е тоа што се сврте откако СДСМ дојде на власта со ветување дека ќе се пресмета со криминалот во државата, дека секој што злоупотребил ќе одговара, а парите што ќе се вратат ќе се објават јавно на овој бројчаник.

Наспроти сите силни акции на Јавното обвинителство, наспроти нападното понижување на Јанева пред јавноста за да се покаже колкава е решителноста да се справат со криминалот, наспроти уверувањето на јавниот обвинител Љубомир Јовески дека парите не стигнале во џебови на политичарите, општиот впечаток беше дека Јанева е одбрана да биде жртва на скандалот кој има поголеми димензии од едно обично рекетирање и поткуп. Судејќи по одекот на апсењето на јавноста, голем е бројот на оние што не ја „купуваат“ стопроцентно приказната и прашуваат – за кого всушност вртел бројчаникот? Дали имало обид едните да ги преземат парите на другите, дали затворските казни се купувале и некој во меѓувреме се сетил дека било подобро наместо на бројчаникот, да се слеат во приватни џебови?

Она што најмногу ги погоди граѓаните е дека по толку силни најави, по толку „решителна“ пресметка со корупцијата, сите деновиве си ишкаат мува и не ги интересира каде е најголемиот криминалец во државата Орце Камчев и како тоа тој испадна заштитен и за него нема притвор, а обвинителка се третира како најголема криминалка, па не смее да се појави и за закопот на сопствената мајка? Далеку од тоа да се амнестира Јанева, чија вина сепак ќе треба да се докажува, мачнината доаѓа од сознанието дека криминалци од висок профил речиси нема во затворите и дека е полесно да се уапси обвинителка со 3.500 евра плата отколку квазибизнисмен со милиони на банкарска сметка? Дека во Македонија реално ако имаш пари можеш да ја купиш и власта и државата, и дека најверојатно мафијата е длабоко инволвирана во политичката елита и раководи со неа како со кукли во детски театар.

Кога Вилма Русковска вчера ја читаше одлуката за Јанева, речиси неодминлива беше дилемата – свесна ли си дека ти си следната? Кога дозволивме двете водечки политички партии да решаваат дали ќе постојат или не специјалните обвинители, кои треба токму нив да ги гонат, јасно е дека имаат силен мотив за компромис да го снема СЈО, Катица да биде најкорумпираната, а тие најчисти да ни го продадат старото судство – како врв во борбата против криминалот и корупцијата. Каква борба, веќе видовме. Смешни се од тој аспект спиновите деновиве дека токму заради начинот со кој се справуваме со овој скандал ЕУ ќе ни даде датум за преговори, како некој да не гледа кој сè е инволвиран во него и дека реално тој значи распад на правниот систем во државата.

Стара вистина е, притоа, дека од гранките не се гледа шумата. Дека од деталите се губи големата слика на настаните. Големата слика во апсењето на Катица Јанева е дека неверојатно потсетува на случувањата околу детронизирањето на Лаура Ковеси со Романија. И таа самата беше обвинета за корупција, злоупотреба на функцијата и соработката со организираниот криминал. Скандалозниот Владимир Панчевски, кој местеше судски случаи, преживеа, Марко Зврлевски, кој амнестираше криминал, исто така, Сашо Мијалков шета по дискотеки, Никола Груевски шета низ Будимпешта, Камчевска кешира од гласањето за разни закони, Антонио Милошоски соли памет, Камчев веројатно се сонча, речиси сите се пуштени од притвор поради нежно здравје, а Катица Јанева ќе биде пример за борбата против корупцијата додека ѝ се смеат и ѝ се закануваат сите што им отвори истраги. Кој друг обвинител сега ќе се дрзне да работи каква било истрага против ваквите криминалци олигарси и политичари и како воопшто ќе го изведе тоа по оној спектакл пред камери со апсењето на најзаштитената обвинителка во државата? Нешто многу смрди во оваа борба против корупцијата, а во тоа нешто не се невини ни СДСМ, ни ВМРО-ДПМНЕ, ни ДУИ бидејќи сите имаа причина СЈО да го снема.