Полициските специјалци ќе ги облекуваат женско модно студио и фирма регистрирана пред тендерот

Малото модно студио „Ле бранд дизајн“ од Битола, кое последниве години има приходи од околу 20 илјади евра на годишно ниво и просечно два до три вработени, го добило делот за униформа во шара чија вредност може да достигне 2,13 милиони евра. Фирмата „Памитекс тим“, пак, формирана 20 дена пред да се распише тендерот и со сопствеништво од Србија, го добила делот од договорот за еднобојни униформи вреден 1,7 милиони евра.
Од МВР за „360 степени“ изјавиле дека и двете фирми преку доставените мостри кои се барале во тендерската документација докажале дека поседуваат техничка способност да ги сошијат униформите. Додаваат и дека двете фирми ги исполниле условите пропишани во тендерот, кои патем, се поставени без услови за претходно искуство, број на вработени, минимален годишен приход или слично.
Тоа што „Ле бранд“ се занимава со мода и тоа женска, а не со униформи, е само мал дел од прашањата што се отвораат по оваа зделка. Првенствено, „Ле бранд“ е микро компанија со просечно двајца вработени. Според податоците од Централниот регистар, вкупните приходи на фирмата во 2024 година изнесувале 20. 651 евра. Не се многу различни ниту претходните 2023 и 2022 година. И сега, наеднаш добиваат тендер кој може да достигне 2. 130. 000 евра, што е 100 пати повеќе од годишниот приход на фирмата.
Делот од договорот за еднобојни униформи, вреден 1 710 000 евра со ДДВ, го добила фирмата со име „Памитекс тим“.„Памитекс тим“ е фирма формирана на 18 ноември 2024 година и е во целосна сопственост на „ТЕАМ ТРАДЕРС ЦОМПАНИ“ од Белград. Тие, пак, според податоците од српскиот централен регистар се формирани во 2014 година и се занимаваат со производство на работна облека. Газди се извесни Радомир Митриќ и Бранислав Панчиќ. Последната година за која има податоци, 2023-та, оваа фирма има приходи од 3 790 000 евра.Датумот кога „Тим трејдерс“ отвора филијала во Скопје е 18 ноември 2024 година. А тендерот за униформите, МВР првпат го објавува на 7 декември 2024, што значи 20 дена по регистрирањето на „Памитекс тим“ во Скопје. Кога една фирма првпат ќе се регистрира на системот за јавни набавки и веднаш ќе добие голем тендер, тоа е еден од индикаторите на државното Биро за јавни набавки за т.н. „црвено знаме“. Секоја година институцијата прави извештај и за таквите договори кои потпаѓаат под категоријата сомнежи за „колузија и договарање“.