Полициска опсада низ цела Грција, се апсат Хрвати на сите граници и пристаништа

АЕК бара исфрлање на Динамо од европските натпреварувања по крвавиот пир на неговите навивачи во Атина


 

Сите 94 уапсени лица кои вчера беа приведени од грчката полиција, по навивачките немири во пресрет на натпреварот од третото прелиминарно коло во Лигата на шампионите меѓу АЕК и Динамо, ќе бидат изведени пред обвинител. Уште пет Хрвати, кои наводно учествувале во групата што ги предизвикала крвавите инциденти во Неа Филаделфија во Атина, вчера доцна навечер биле донесени од Игуменица, додека со брод планирале да отпатуваат за Италија, а оттаму да се вратат во Хрватска, јавува агенцијата АНА.

Освен тоа, вчера во Какавија (граничен премин со Албанија) е уапсен и 19-годишен Хрват кој со автобус се обидувал да замине од Грција за Тирана.

По вчерашните навивачки немири во кои едно лице загина, а осум беа повредени, полицијата постави блокади низ цела Грција, особено на излезите од земјата, за да ги уапси сите инволвирани во наведените крвави инциденти. Се проценува дека најмалку 50 хрватски навивачи сѐ уште се во бегство, а во тек е лабораториско истражување на ДНК и други докази за откривање на сторителите на убиството. Хрватските медиумите вчера објавија дека е уапсен Грк за убиството на 29-годишниот Михалис, навивач на АЕК, но тоа официјално не е потврдено.

„Како е можно по варварското убиство на Михалис од глутница хулигани од Хрватска, АЕК да излезе на терен и да мора да игра против овој тим?“, пишува на официјалниот сајт на атинскиот клуб АЕК, кој бара исфрлање на Динамо од европските натпреварувања.

„Кој всушност нѐ тера да ги играме овие натпревари додека капе крвта на нашиот убиен навивач и на други тешко повредени? Дали хрватското лобирање во контекст на УЕФА е поважно од човечките животи што ги одзедоа убијците?“, стои во пораката.

Грчкиот портал „Њузит“ објави текст во кој пишува дека приведените навивачи на Динамо „кои се толку многу што зафаќаат неколку ката, на полицијата и го тврдат незамисливото“.

„Тврдат дека биле нападнати од грчки семејства во близина на стадионот на АЕК. Се разбира, не можат да објаснат зошто стигнале пред арената вооружени со палки и остри ножеви. Камерите ги снимиле“, пишува порталот и додава:

„Хрватските хулигани тврдат дека дошле во Грција за психолошки да го поддржат својот тим, иако знаеле дека УЕФА го забранила доаѓањето на гостински навивачи. Тие кажаа дека сакале  да го гледаат натпреварот од кафуле во близина на стадионот. Се разбира, никој не можеше да ја раскаже сцената со убиството, тврдат дека ништо не слушнале и не виделе. Тие изгледаат како нацисти“, пишува порталот.

 

Грчките новинари пишуваат дека полицијата верува оти меѓу уапсените е и убиецот на 29-годишниот навивач на АЕК, поради што земаат ДНК што би можело да се совпадне со онаа на убиениот. Во рамките на истрагата во моментов ги прегледуваат автомобилите со кои пристигнувале во Грција.

„Врз основа на информациите што ги добила од хрватската полиција и Европол, грчката полиција проценува дека меѓу навивачите има четворица или пет водачи. Тие составиле црвена листа на околу 40  најопасни хулигани, меѓу кои, сметаат дека е убиецот на Михалис“, открива „Њузит“ преку свои извори.

Грците ги проверуваат снимките од надзорните камери и оние објавени на социјалните мрежи „за да откријат како се движеле Хрватите и да ги идентификуваат потезите на поединците кои се главни меѓу лошите сини момчиња“.

Грчката полиција веќе отпушти голем број високи офицери кои се сметаат за одговорни за тоа што толку многу гостински навивачи не беа запрени пред Атина. Анонимен очевидец на конфликтот пред стадионот даде изјава за ЕРТ њуз:

 

„Седевме опуштено овде во кафетеријата, ги пиевме нашите пијачки, луѓето беа опуштени со своите деца. Одеднаш видовме двајца млади навивачи на АЕК. Ни рекоа: ‘Момци бегајте, Хрватите доаѓаат‚. Не им верувавме. Ни звучеше многу чудно, но по три-четири минути видовме 250 луѓе како трчаат со палки, ракавици, молотови коктели. Тие почнаа да кршат, уништуваат сѐ околу нив, да палат оган. Бевме преплашени. Изби тепачка со помлади навивачи на АЕК. Тие дошле кај нив, па повторно почнаа да кршат сѐ, автомобили и почнаа да ги бодат луѓето. Се сокривме во кафуле кога ни дојде момче со убод во стомакот. Уште едно дете е прободено со нож во раката. А ова е мојот близок пријател кој го донесов од Перстери. Навивач на Панатинаикос. Тој не е хулиган. Затоа што навивачите на Панатинаикос се едно, а хулиганите што се договораат со Хрватите се сосема други. Зошто се случи ова?

Мојот пријател беше погоден со палка во главата, му го отсекоа увото. Дваесетина луѓе ни фрлија солзавец. Не можевме да дишеме. Бев во друштво со својата 13-годишна ќерка, која е повредена. Ноќ на терор. Никогаш не сме го доживеале тоа. Сличен напад не сме виделе ни на телевизија. Вакво нешто досега не се случило. Тие беа атентатори облечени во црно“, изјавил сведокот.

И покрај забраната на УЕФА, 100 до 120 навивачи на Динамо Загреб се појавија доцна во понеделникот во близина на стадионот на АЕК, каде се собраа навивачите на АЕК. Судирите избија повеќе од еден час по завршувањето на тренингот на гостинската екипа и тимот го напушти стадионот, а навивачите од двете страни фрлаа ракети, рачно изработени експлозиви и камења.

Од фудбалскиот клуб Динамо, освен што изразија жалење, го обвинија раководството на АЕК дека ги потпалува страстите и бега од своја одговорност за настанот.

„Жал ни е што АЕК со своите постапки и однесување бега од одговорност, крева тензии и користи несоодветен, агресивен и поттикнувачки јазик во официјалните соопштенија со цел да се изврши притисок врз УЕФА. Особено е неразбирливо што без никакво двоумење се обидува да искористи човечка трагедија за сопствена промоција, а резултатот покажува отсуство на елементарна пристојност, емпатија и побожност кон жртвата.

Ваквиот пристап го сметаме за несоодветен, особено што на сите, освен на претставниците на АЕК, им е јасно дека Динамо направи се што е во негова моќ да не дојде до оваа ситуација. За сите настани во Грција, најголема одговорност сносат организаторите, односно грчката полиција и АЕК како клуб домаќин. Сакаме јасно да нагласиме дека одговорните лица во клубот им се ставија на располагање на претставниците на АЕК, УЕФА и полицијата со цел расветлување на целиот настан и враќање на атмосферата во спортот. Цело време одржувавме активна комуникација со сите инволвирани страни освен со АЕК. Од самиот почеток претставници на грчкиот клуб го попречуваа секој обид за соработка, за барање најдобро решение. Демонстративно ја напуштија организациската средба на денот на натпреварот, го откажаа официјалниот ручек на двете делегации, одбија секаков вид на комуникација и со таквото однесување си ја доделија улогата на истражител, обвинител и судија. Ваквата акција ја сметаме за, во најмала рака, апсурдно и опасно поигрување со емоциите во таков деликатен момент.

Никому нема да му дадеме право на ваков монструозен начин да си игра со името Динамо.
Најостро ја осудуваме ваквата комуникација на нашите спортски ривали од Атина, особено додека истрагата се уште е во тек и од ден на ден дознаваме нови информации за немилиот настан. Нагласуваме дека до овој момент се уште не е утврдено дали сторителот на ова страшно злосторство е хрватски или грчки државјанин. Нашиот клуб ги негува принципите на почит и здрава комуникација со нашите европски противници. Денеска се среќаваме со се што не е достојно за однесувањето на еден европски клуб.

Ги повикуваме претставниците на АЕК да се посветат на фудбалот и на смирувањето на тензиите, а улогата на истражител и судија да им ја препуштат на надлежните институции. Сметаме дека нашиот клуб со години е еден од темелите на хрватскиот фудбал, играјќи во европските натпреварувања во континуитет, придонесувајќи за зајакнување на националниот коефициент и давајќи силен придонес за успесите на хрватската фудбалска репрезентација. Веруваме дека Хрватскиот фудбалски сојуз, како наша чадор организација, активно ќе се вклучи во оваа проблематика и ќе ги заштити интересите на хрватскиот фудбал.

Уште еднаш треба да ја потсетиме јавноста на чекорите што ги презема клубот пред посетата на Атина со цел да се спречи можно насилство и неред:

Во четврток, на 3 август, клубот доби известување од УЕФА за забраната за гостување на гостински навивачи на натпреварите од 3. квалификациско коло на Лигата на шампионите на УЕФА. Истиот ден клубот на сите свои канали ги извести навивачите и јавноста дека нема да има продажба на билети за натпреварот во Атина. Исто така, истата вест беше испратена и до сите главни хрватски медиуми кои ја пренесоа одлуката на УЕФА.

Веќе следниот денГНК Динамо испрати писмено известување до Управата за полиција, во кое таа е известена за времето на поаѓање и враќање, броевите на летовите, местото на сместување и можното заминување на навивачите. Во истиот меморандум беше нагласено: Во зависност од бројот на собрани навивачи, не може да се исклучи можноста од конфликт со други навивачки групи кои во тој момент ќе бидат во Атина. Истиот ден клубот изготви документ во кој ги опфативме сите прашања поврзани со евентуалното доаѓање на нашите навивачи што го очекувавме во Грција.Прашањата беа испратени до претставниците на АЕК, но одговор не добивме од грчкиот клуб. Прашањата беа испратени и до УЕФА, од каде одговорија дека е важно АЕК да одговори на прашањата“, стои во реакцијата на Динамо. Освен жалење за настанот од Хрватска овие три дена никој не покажа ни мало чувство за одговорност за тоа што се случи во Атина и практично целата се префрла на Атина.

Грчките медиуми инаку пишуваат дека четири лица се уште се на интензивна нега – тројца Грци и еден Хрват за кој се вели дека неколку пати бил опериран, но не се наведува зошто.