Полицијата шест дена не може да ги најде вандалите од Центар
Полицијата интензивно работи на откривање на малолетните вандали, кои пред речиси една недела кршеа реквизити на детско игралиште во скопски капиштец, а видео-снимката ја сподели градоначалникот на Општина Центар.
– Во Полициската станица од општа надлежност „Центар“ се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Со цел, спречување на девијантни појави, вандалско однесување и нарушување на јавниот ред и мир, како и одржување на поволна безбедноста состојба на подрачјето под надлежност на Полициската станица од општа надлежност „Центар“, во содејство со СВР Скопје, изработен е план за постапување, односно превентивно и репресивно делување на подрачјето – велат од МВР за „Независен“.
Од Општина Центар потврдуваат дека периодов имаат засилено присуство на полицијата на критичните места во општината, каде се собираат младите. Се легитимираат доколку има потреба, се внимава на нивното однесување, а и од тогаш не се забележани поголеми инциденти.
Колку време ќе останат полицајците на центарските улици не е прецизирано, но веројатно ќе патролираат додека не се стекне впечаток дека не се нарушува јавниот ред и мир.
Од Општина Центар најавуваат дополнителни мерки и засилена акција во која ќе бидат вклучени повеќе чинители, затоа што велат, спречувањето на ваквото однесување на децата може да се постигне само во соработка со родителите, наставниците, полицијата и останатите.
Минатата недела на видеото кое го лиферуваа од општината се гледа како млади момчиња кршат дел од реквизитите на игралиштето, а дополнително информираа дека било обиено и местото каде се чувала опремата за хортикултурно одржување на населбата и биле украдени и искршени лопати, гребла и дувалки.