Полиција го исчисти од автомобили Кеј „13 Ноември“ во Скопје – наскоро ќе се реконструира


Фото: Б. Грданоски

 

Откако на социјалните мрежи беше објавена фотографија од пешачката зона покрај Вардар, на која се гледаат повеќе паркирани автомобили, денеска полицаец стоеше кај рампата кај хотелот „Холидеј ин“ и регулираше кој може да влезе со возило.

„Шеталиштето. Единствената запад – исток велосипедска врска низ Мал Ринг. И ‘прекрасен’ репрезентативен амбиент за пиење кафе. Центарот на центарот“, стоеше во објавата на социјалните мрежи.

Кејот покрај Вардар, каде има бројни тераси, каде се пие кафе или се руча, постојано е тема на критики од јавноста, затоа што и покрај поставената рампа по него поминуваат автомобили.

„Решавањето на проблемот со хаосот на Кејот ’13 Ноември’ е покомплексен проблем, бидејќи тука има рампа и паркинг за пристап на угостителските објекти во вид на дотур на стока, како и за објектите на ГТЦ и Македонски телеком, па неретко тоа се злоупотребува од несовесни граѓани кои паркираат возила на оваа локација.

Оваа состојба е наследена и е резултат на непланското работење на претходната градска администрација, бидејќи овој потег беше предвидена подземна сообраќајница, но во одреден момент инвеститорот беше ослободен од обврската да ја изгради“, велат од Град Скопје како одговор на прашање од „Независен“.

Фото: Б. Грданоски

Идејата да се прави подземна сообраќајница за да се обезбеди пристап за вработените до деловните згради изградени околу плоштадот „Македонија“, датира од пред неколку години. Имено, со договорот за градење на зградата на „Телеком“, инвеститорот „Дивелоп груп“ имаше обврска да изгради подземна сообраќајница. Но, по изградбата на зградата, тогашното раководство на Општина Центар со градоначалникот Владимир Тодоровиќ, го смени Деталниот урбанистички план и наместо подземна, предвиде надземна сообраќајница. Но, од овој план не се оствари ништо.

Сега Град Скопје објави тендер за избор на фирма која ќе врши партерно уредување на кејот, на потегот од хотелот „Холидеј ин“ до зградата на „Телеком“.

„Град Скопје распиша јавен повик за Изработка на проектна документација за партерно уредување на Кеј ’13-ти Ноември’ од Телеком до ‘Холидеј ин’, со кој е предвидено отстранување на старите и оштетени плочки, клупите, корпите за отпадоци, канделабрите…“, велат од Град Скопје.

Со проектот е предвидено поставување на пет вида партерни плочки, 72 смарт клупи, жардинери, бетонски корпи за отпадоци, бетонски и електрични столпчиња и ќе се засадат јавори, додаваат од таму.

Но, со реконструкцијата на кејот тој нема потполно да се ослободи од автомобили, туку со хидраучилни столпчиња ќе се регулира кој влегува, односно ќе има читачи на регистрации, кои само на возилата од „Телеком“ ќе им дозволуваат да се движат по пешачката зона.  (Б.Б.)