Полицајците бараат повисоки плати
Зошто со новиот предлог буџет за следната година не е предвидено зголемување на платите на полицајците, прашува Синдикатот на полиција во Македонија (СПМ). Синдикатот преку соопштение бара покачување на платите во полицијата и сметаат дека се мали најавените и ветените проценти за дел од вработените во администрацијата.
„Она што нѐ загрижува како Синдикат е тоа што веруваме дека вработените во МВР заслужуваат многу повеќе од предвидените ништо денари кои ги предлага Владата со ребалансот на буџетот. Барем да предвидевте исто колку и здравствените работници, како награда за секојдневниот ризик кој го преземаат работниците во Министерството за внатрешни работи“, се наведува меѓу другото во пишаната реакција од СПМ.
Со предлог буџетот што го објави владата се најавува зголемување на платите на судиите, обвинителите, здравствените работници, инспекторите, наставниците, вработените во културата.
Предлог-буџетот, кој за 2022 изнесува 4,4 милијарди евра, оди пред пратениците во Собранието, кои треба да до донесат најдоцна до крајот на годината.