Полицајци сведочеа како Манев ги однел до закопаното тело на Жежовски


Фото: Б. Грданоски

На судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска сведочеа службени лица кои биле назначени да го спроведат обвинетиот Велибор Манев до местото каде што било закопано телото на Жежовски.

Сведокот Игор Јанушев, службено лице ангажирано за настанот изјави дека според кажувањата на Велибор Манев, тие се движеле накај Велес, каде што Велибор изјавил: „Тука е местото, тука има закопано човек.“

– Патот до местото беше непрооден и со дупки, па возилата ги оставивме подолу. По пристигнувањето на местото викано Кула, Велибор ни покажа место покриено со гранки, по што го вративме назад во полициската станица Кисела Вода, рече сведокот.

Одговарајќи на прашање од обвинетиот Љубомир Палевски Палчо, тој изјави дека во текот на предистражната постапка не разговарал со ниту еден од обвинетите.

Зоран Абаз, вработен во Министерството за внатрешни работи, сведочеше дека на 3.12.2023 година бил ангажиран за преземање службени дејствија за пренос на лице од едно на друго место.

– По добивањето на конкретна задача, го преземавме лицето и го однесовме до патарина Велес, каде што ги пречекале колеги. Велибор ги даваше насоките до местото каде што требало да се ископа дупка за да се најде тело. Кога почнаа да работат бевме тука, после тоа требаше да се вратиме во станица, го преземавме лицето и се вративме во станица, рече тој.

На прашањето за брзината и бојата на службеното возило, поставено од обвинетиот Палчо, Абаз одговори: „Не се сеќавам на брзината, бевме со наше бело возило.“

 Пред денешното рочиште, обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска изјавија дека има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо со двете убиства. 

– Има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски“, изјавија тие.

Во однос на тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишов, кој го смени првичниот исказ и тврди дека Палевски не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата, обвинителките рекоа дека оваа изјава на Кешишов нема материјална вредност. 

– Оваа изјава нема доказна вредност, а обвинетите ќе имаат можност да дадат своја одбрана во текот на судењето, рече обвинителката Стојковиќ Димитровска.

На денешното судење се сослушува и сведокот Мирче Мирчевски, вработен во МВР во одделот за „Безбеден град“. Досега, на изминатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

Беше сослушано семејството на таткото на Вања, како и повеќе познаници на обвинетиот Палчо. На првото одржано рочиште, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено. Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.