Поканата на министерот преку Фејсбук била несоодветна за тројцата лекари

Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски го одбија јавниот повик на министерот за здравство да се вклучат во Комисијата за заразни болести


Потребен е заеднички напор на врвните струњаци за справување со епидемијата (Фото: Б. Грданоски)

 

Министерот за здравство наиде на првиот ѕид во обидот да слушне стручен совет за начините како да се справуваме со корона вирусот. Од незнаење, од лош совет или од непреценување на сопствената позиција, Беким Сали јавно ги покани преку Фејсбук професорите Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски да се приклучат како членови на Комисијата за заразни болести и да придонесат за нејзината работа. Сите тројца промптно го одбија затоа што, генерлано, не сакале јавна покана преку Фејсбук.

„Не ме контактирале, а за поканава слушнав од ваши колеги! Совети давам секому, секако би го советувал и министерот, во Комисија на овој начин секако не влегувам. Јавната покана за мене е беспредметна да се коментира. Јас не сум на толку ниско ниво за да прифатам таков вид комуникација“, изјави доктор Пановски за „Фокус“.

Професорот Даниловски мисли дека тој може да придонесе и преку медиумите за соочување со ковидот и дека Комисијата не можела автономно да функционира. Тој не можел да ја жртвува својата автономија затоа што краен збор за мерките што ги предлага Комисијата имал Кризниот штаб во Владата.

„Не прифаќам чиј било предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде. Таа претставува само советодавно тело на министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна. Но ниту неговите одлуки во тек на пандемијава не се извршни. Треба да поминат на Кризен штаб при Владата – евентуално да се модифицираат (влијание на политика!) – и дури потоа формално да се прифатат од Владата. Во таков амбиент, за мене е неприфатливо да ја жртвувам својата автономија“, вели Даниловски.

И за д-р Марковски Комисијата немала суштинско влијание на какви било мерки.

„Јас рано во 2020 предложив комисија за Ковид-19 како владино тело чии одлуки ќе бидат задолжителни за сите, за жал тоа не беше прифатено. Од друга страна, несериозно е да се покануваат експерти преку Фејсбук. Исто така, мислам дека министерот со комплет кадровски и стручни решенија требаше да излезе при неговиот избор во парламентот“, рече Вело Марковски за Сител.

Нивниот став дека како професори со автономија не би требало да не се почитува, но еден дел од јавноста се прашува дали формата е клучна за нивната стручна помош да не биде дел од одговорот на здравствените власти и на општеството на пандемијата. И кога се знае дека во сите европски земји конечната одлука за мерките што ги предлагаат нивните комисии имаат владите, а некаде тие се носат дури и во парламентот. Не само тие тројца, туку и голем дел од другите епидемиолози и инфектолози кои се дел од Комисијата или од здравствените институции имаа поинакви мислења во однос на ширењето на заразата пред една година или 20 месеци отколку што имаат сега. Најмногу поради новите научни откритија и влијанието на вакцинацијата за Ковид-19.

Министерот Сали во својата јавна покана на Фејсбук рече дека „гласот на науката е клучен во борбата против Ковид-19. Да го искористиме на најдобриот начин. Доколку од какви било причини не се во можност да бидат дел од Комисијата за заразни болести, им упатувам отворена покана да бидат дел од мојот тим на советници“. 

Очигледно дека јавната покана не била доволна. И дека и човечкиот пристап некогаш е многу важен. Но во крајна линија штета ќе имаат сите луѓе, и оние што се заразени и оние што допрва ќе го фатат вирусот. А и здравствените работници во нивната макотрпна борба со ковидот и за спасување на здравјето и животите на заразените. (Н.В.)