Покачено е нивото на водата во хидроакумулациите во струмичко

Покачено е нивото на хидроакумулациите во струмичко во споредба од пред три месеци, посебно на поголемите, информира за МИA од АД „Водостопанство на Македонија“-Подружница „Струмичко Поле“ Струмица.
Во најголемата акумулација „Турија“, од која со вода за пиење се снабдуваат општините Струмица и Василево, до вчера се собрани 20 милиони метри кубни вода од вкупно 50 милиони, односно во споредба со февруари нивото е покачено за околу 8 милиони. Во „Водоча“ вчера се измерени 10 милиони кубни метри вода од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода, односно од февруари годинава нивото се зголемило за околу 2 милиони кубни метри вода.
Според раководителот на Подружницата „Струмичко поле“ при АД „Водостопанство на Макеоднија“, Костадин Стојанов, помалите акумулации Новоселка, Чаушица, Иловица и Маркова река се полни и прелеваат.
Според анализите, сегашното ниво на акумулациите е задоволително и доколку нема сушен период, тогаш сегашните количини на вода ќе ги задоволат потребите за пиење и наводнување, односно ќе се обезбеди потребниот минимум од неколку наводнувања за овоштарниците и земјоделски култури засеани на отворено.
Инаку, од акумулацијата „Турија“ градот Струмица и повеќе населени места трошат меѓу 5 и 6 милиони кубни метри вода за пиење годишно.