Погледнете ги архитектонските решенија за новата општинска зграда на Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја отвори архитектонската изложба „Општина за нас“ во КСП Центар – Јадро, каде граѓаните ќе имаат можност да ги разгледаат идејните решенија од конкурсот за новата општинска зграда.
Честитајќи им на авторите на трите наградени решенија, Герасимовски истакна дека очекува оваа визија за современа, отворена и достапна општина наскоро да стане и реалност.
„Наша цел не е само изградба на нова административна зграда, туку создавање функционален простор кој ќе одговори не само на потребите на вработените, туку и на граѓаните.. Комплексот ќе биде модерен, енергетски ефикасен со подземен паркинг со капацитет од околу 300 возила и простор за 100 велосипеди, конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во централното градско подрачје“, изјави Герасимовски.
На конкурсот за новата општинска зграда, преку транспарентна и професионална постапка беа наградени три најдобри решенија.
Првата награда ја доби идејното решение под шифрата „НАМАТ”, чиј авторски тим го сочинуваат Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовск-Четелева и Кристијан Ристовски. Тимот доби парична награда од 750.000 денари.
Втората награда ја доби проектот под шифра „ЧКЛАБ”, дело на авторскиот тим од ПЛАТФОРМА ДОО Скопје во состав: Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени. Нивната награда изнесува 400.000 денари.
Третата награда ја освои идејното решение под шифра „СЦЕНА”, чиј авторски тим го сочинуваат Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска, со парична награда од 300.000 денари.
Изложбата останува отворена за посетителите во наредните седум дена, нудејќи им можност да се запознаат со визиите за новиот современ лик на Општина Центар.
Во ноември лани, на брифинг со новинарите, градоначалникот Герасимовски откри како планира општината да го покрие финансирањето на новата општинска зграда за која е избрано идејно решение на конкурс.
„Иако на сметката на општината имаме доволно пари да правиме капитални проекти, ние сепак за новата општинска зграда планираме два начина на финансирање. Едниот е со овој проект за општинска зграда да аплицираме до владата за парите од унгарскиот кредит, а другиот е за истата да обезбедиме финансии така што ќе изградиме деловна зграда на дел од парцелата на која се сега општинските бараки и потоа да ја продадеме на заинтересирани компании кои сакаат да купат канцеларии и со парите да ја платиме општинската зграда која ќе чини околу 10 милиони евра“, рече тогаш Герасимовски.
Проектот се состои од два дела, појасни Герасимовски – подземен паркинг на три нивоа со кој ќе се реши проблемот со паркирањето на Дебар Маало и над паркингот ќе има простор за потребите на општина Центар.
„Проектирањето на подземната гаража и општинската зграда ќе трае неколку месеци очекуваме да се заврши до март по што би аплицирале до владата. Се надеваме дека проектот ќе го започнеме пред истекот на мандатот“, рече Герасимовски пред новинарите на брифинг-појадок.