Поезијата на Шопов ќе биде „прочитана“ со јазикот на танцот: Балетски триптих „Молитви на моето тело“ премиерно во НОБ


Од пресот во НОБ

Национална опера и балет не само што ќе се вклучи во чествувањето на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, туку преку балетската претстава – триптих, „Молитви на моето тело“, вечерва, во 20 часот, во Националната опера и балет, ќе го заокружи овој јубилеј. Поезијата на Шопов односно истоимениот циклусот поезија ќе биде „прочитана“ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и останатите уметници. За овој проект беше добиена  согласност од носителот на авторските права, Јасмина Шопова, ќерка на поетот, а ќе биде претставен на прес-конференција во петок. 

 

Со овој чин, НУ. Национална опера и балет се вклучува во останатите настани кои ќе бидат организирани на национално ниво и од страна на УНЕСКО во чест на македонскиот поет повод 100-дишниот јубилеј во 2023 година.

 

Во формат на трипл бил / триптих, балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90 минутно креативно „сплотување“ на тим од тринаесет уметника, од различен профил, носители на македонската креативна елита, репрезенти на современиот танцов израз, но и вистински амбасадори на македонската култура во, а посебно и вон земјата, како и еден врвен визуелен уметник од Албанија, Флорија Чанга.

Костимографот  и идејниот творец на овој проект, Александар Ношпал со своето 25 годишно театарско искуство, особено со своите ангажмани во областа на балетската костимографија во елитните европски балетски компании (Операта Лајпциг, Дизелдорф, Бољшој Театарот итн.) создаде уникатен концепт во кој следиме органска симбиоза на различните уметнички изрази. Тој исто така е автор на  костимографските решенија. Во формулирање на визуелниот дизајн се вклучени  извонредниот графички дизајнер на мултумедија Лазе Трипков, младиот сценограф Михајло Стојановски, и визуелниот уметник Флорија Чанга ( Р. Албанија) кој ќе ја заокружи и оживее појдовната поетска матрица. Проектот ги соедини поетската реч на Шопов со современиот мултимедијален јазик кој е близок до генералниот тренд на светската балетска продукција.

Соња Здравкова – Џепароска, која долги години работи како професор на Музичката академија во Скопје, е единствената која на овој проект ќе му ја даде драматуршката целина, пред се поради нејзиното големо и богато познавање на балетот и балетската уметност.

Во кореографски тим се ангажирани Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Ефтимова,  претставнички на современата танцова сцена со уникатен кореографски ракопис и автентичен естетски израз. Нивниот зрел уметнички приод ја гради диверзната танцова структура која секоја за себе постои како единствен уметнички продукт, но едновремено интерферира во комплексен организам на претставата.

Композиторите Дарија Андовска, Александар Гроздановски,  Александар Пејовски музички ја моделираат звучната подлога создавајќи инспиративен, многуслоен текст кој е во тесна интеракција/ дијалог со самата поезија на Шопов. Како апликативни сентенци во самата претстава е вклучен актерот Никола Ристановски кој ја оживеа говорно самата поезија и даде емоционална обоеност на претставата.

Во претставата настапуваат Мими Поп-Алексова Атанасовска, Илијана Данилов, Наташа Трендафилова, Ангела Велевска, Ована Димковска, Меланија Гоцевска, Ангела Богатинова, Аманда Роча, Франциско Хименес Руис, Балаш Лочеи, Игор Веланоски, Ендру Кук, Веселин Трајковски и Алфред Јаго. Сценограф е Михајло Стојановски.

Премиерниот датум – 20 декември е роденден на поетот Ацо Шопов и пред почетокот на претставата ќе биде свечено затворање на јубилејот кој се отвори во март оваа година во седиштето на УНЕСКО. Во однос на дополнителната содржина во фоајето на НОБ ќе бидат отворени и две изложби едната насловена „Патот по кој чекорам“ и втрата „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“. 

Првата реприза на претставата е на 22 декември.