Поевтинуваат и безалкохолните пијалаци, водата во шишиња и пивото

Дополнително поевтинување ќе има и кај овошјето и зеленчукот поради намалување на трговските маржи. Владините одлуки ќе се применуваат од утре и ќе важат до 30 ноември


Фото: Б. Грданоски

Од утре во маркетите по поевтини цени ќе можат да се купат и безалкохолните пијалаци, газираните и негазираната вода и пивото. Дополнително намалување ќе има и кај овошјето и зеленчукот поради намалување на трговските маржи. Вакви одлуки донесе Владата на денешната седница, за што на прес конференција информираше премиерот Димитар Ковачевски кој нагласи дека тие уште во текот на денот ќе бидат објавени  во Службен весник, а ќе се применуваат од утре и ќе важат до 30 ноември годинава.  

„Со денешната одлука на Влада на листата со гарантирана цена влегуваат и безалкохолните пијалаци, газираните и негазираната вода и пивото. Донесовме и нова одлука за намалување на маржата кај овошјето и зеленчукот со што дополнително ќе се намалат цените до 30 проценти за овие производи“, рече на прес конференција во Владата премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека кон мерката Гарантирана цена како општествено одговорни компании самоиницијативно се приклучиле производителите на безалкохолни пијалаци и вода. 

„Ова е за поздравување бидејќи само со заедничко дејствување можеме да придонесеме за економска стабилност во државата и пред се она што е најважно да ги заштитиме граѓаните“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Владата денеска на седница на предлог на Министерството за економија донесе нови одлуки за намалување на цените во трговијата на големо и трговијата на мало на следните производи:

Светло пиво и лагер пиво;

Газирани и негазирани пијалаци (со исклучок на енергетски пијалаци);

Минерална газирана и негазирана природна изворска вода.

Со оваа одлука највисоките цени на производите се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) кои се применувале на 19 септември годинава, во трговијата на големо се намалуваат за 10 проценти.

Трговците за вршење на дејност трговија на мало се должни да ги утврдат цените во трговијата на мало за овие производи и на полиците фрижидерите и разладните уреди треба јасно да ги обележат со натписот Гарантирана цена.

„На денешнава седница донесовме одлука и за највисока трговска односно профитна маржа како посебен услов во трговијата со свежо овошје и во трговијата со свеж зеленчук“, рече Ковачевски.

Тој објасни дека највисоката трговска маржа за овошјето и за зеленчукот за сите трговски друштва и трговци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на големо се утврдуваат во вкупен износ до 10 проценти, а во трговијата на мало се утврдуваат во вкупен износ од 15 проценти. Со ова се очекува цената на овошјето и зеленчукот да се намали за околу 30 проценти.

„Пред нас следат одлуки и за намалување на увозните давачки на свеж зеленчук ориз и агруми (портокали лимони мандарини), како и намалување на царинските стапки за млечни производи со масленост над 10 проценти. И ова се одлуки кои што ќе бидат донесени во текот на наредните денови и објавени и спроведени во пракса“, рече Ковачевски.

Со претходната одлука од 19 септември беше намалена цената на овошјето и зеленчукот за 10 проценти во трговијата на мало, но по деталната анализа на Министерството за економија се увиде дека со намалување на маржата цените на овошјето и зеленчукот дополнително ќе се намалат и за 30 проценти и затоа се донесени овие денешни одлуки, објасни премиерот.

Гарантираната цена на сите овие производи важи до 30 ноември а одлуката денес ќе биде објавена во Службен весник и стапува во сила од утре,.

„Владата веќе овозможи 50 производи во 24 категории од пекарската, месната и млечната индустрија да се намалат за најмалку 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август.
Намалувањето на цените тука се очекува да биде од 10 до 40 проценти за одредени производи за што може да се убедиме во маркетите“, рече Ковачевски. 

Премиерот е уверен дека со гарантираната цена на производите како и останатите мерки кои Владата ги носи од социјален карактер ќе придонесе да се стабилизира инфлацијата до крајот на годината.

„Тоа веќе се покажа со зголемување на платите во јули годинава кога беше надминато зголемувањето на инфлацијата. Со септемвриските покачувања за 10 проценти на платите како и линеарното зголемување на пензиите со гласно со методологијата која што беше утврдена во текот на изминатиот период очекуваме двоцифрената инфлација да падне на осум проценти, а кај храната да биде до пет проценти“, рече Ковачевски, кој прес конференцијата ја држеше во отсуство на министерот за економија Крешник Бектеши кој е во тирана на форум на министри во рамки на Берлинскиот процес.  

Тој апелираше до трговците и до големопродавачите да ги почитуваат мерките, а до граѓаните и медиумите да ги пријавуваат за сите неправилности и  да алармираат до Државниот пазарен инспекторат за ажурно спроведување на сите мерки кои што ги носи Владата

Одговарајќи на новинарски прашања дали трговците ќе имаат време да ги направат промените на цените и дали е во координација со секторот, Ковачевски одговори „Апсолутн, да“.

„Бидејќи, кога се работи за зголемување на цените вие знаете дека цените знаат да бидат зголемени преку ноќ, така да истото тоа може да се направи и кога се намалуваат, односно тоа да се стори во најкраток можен рок со оглед дека сите маркети работат со дигитални алатки и софтвери кои тоа го овозможуваат“, рече Ковачевски.
Ковачевски исто така рече дека разговарал утрово со директор на еден од големите синџири супермаркети чии маркети биле затворени од ДПИ, и дека сфатиле дека од нивна страна бил направен одреден превид кој што ќе биде отстранет.

„Рокот за затворање е само три дена, што ќе овозможи непречено да работи и граѓаните да добиваат гарантирани цени. Сметам дека сите и од бизнис заедницата и од Владата сакаат да им помогнат на граѓаните и сите да работиме тоа да го правиме“, рече Ковачевски.