Поетска вечер со Влада Урошевиќ на УКИМ во чест на „Златен венец“ на СВП 


Во Аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”  на 15 ноември (среда) 2023 година,
во 18 часот ќе се одржи поетска вечер со академик Влада Урошевиќ (1934, Скопје), како годинашен добитник на Златен венец на СВП. 

За време на настанот, предвидено е студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ да презентираат препеви на неколку странски јазици.

За претседателката на Управниот одбор на манифестацијата, Елизабета Шелева при  прогласување на лауреатите во  март, во НУБ „Климент Охридски“, името на Влада Урошевиќ е синоним за страствен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и наспроти сите искушенија на современието, непоколебливо верен на словото.

– Подготвен со леснотија да се испроба и творечки да се покаже во најразновидни жанровски облици и експерименти со речиси рамномерен удел во сите нив, Урошевиќ остана продуктивен и витален. Неговото писмо има свој препознатлив печат и ако случајно не е посочен авторот на овие записи, речиси со сигурност ќе го погодиме неговото име, додаде Шелева.

 

Според неа, Урошевиќ остана доследен и не само во нашата литература, препознатлив по креативниот спој на фантастиката и надреализмот што ги негува во своите бројни авторски записи, но и во неуморните читатлски авантури, проткаени со истражувачко љубопитство и траен афенитет кон овие две сродни области.

– Подготвен со леснотија да се испроба и творечки да се покаже во најразновидни жанровски облици и експерименти со речиси рамномерен удел во сите нив, Урошевиќ остана продуктивен и витален. Неговото писмо има свој препознатлив печат и ако случајно не е посочен авторот на овие записи, речиси со сигурност ќе го погодиме неговото име, додаде Шелева.

Почнувајќи од „Еден друг град“ (1959), Урошевиќ објавил десет збирки поезија. Меѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Помеѓу антологиите што ги составил се изделуваат: „Црниот бик на летото“ (1963), избор од поезијата на помладата генерација македонски поети, „Црна кула“ (1976), антологија на фантастичниот расказ во литературите на некогашната Југославија и „Големата авантура“ (1993), антологија на францускиот надреализам.

Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Ги препеал на македонски „Цвеќињата на злото“ на Ш. Бодлер, како и изборите од поезијата на А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер.

Влада Урошевиќ е единствен македонски поет што ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик.

Урошевиќ, за романот  „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ , во Скопје ја доби наградата „Роман на годината“ за 2022, која што ја доделува  Фондацијата „Славко Јаневски“, а чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје.