Поетесата Ратка Колева-Дамњановиќ добитник на наградата „Стојан Христов“ на СВП


Поетската книга „Кораб“ од македонската поетеса Ратка Колева-Дамњановиќ е годинашен добитник наградата „Стојан Христов“ за 2025 година за најдобра книга со поезија од иселеник што ја доделува Агенцијата за иселеништво, во рамките на 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.

Претседателот на жири-комисијата Никола Ѓелинчески, во образложението посочи дека поетската збирка Кораб, од македонската поетеса Ратка Колева-Дамњановиќ, која живее и создава во дијаспората, се издвојува со својата зрелост, емоционалната длабочина и префинетиот израз.

„Нејзините песни користат универзални мотиви и симболи – љубовта, осаменоста, поминувањето на времето, природните слики , но секогаш остануваат вкоренети во лично искуство, што им дава автентичност и ја овозможува непосредната врска со читателот. Така, интимниот свет на поетесата станува препознатлив и наш“, стои во образложението на жири-комисијата.

При прочитот на збирката на Колева-Дамњановиќ, Ѓелинчески вели дека се добива впечаток оти таа лесно го пронаоѓа својот глас преку кој најавтентично ќе го изрази својот поетски светоглед.

„Поетесата се нурнува во својот мајчин јазик и со леснотија успева да изрази силна емоција која се разлева скоро низ сите нејзини песни, независно дали пее за љубовта, отуѓеноста, домот… Ова е дело на поетеса која постојано ја одржува љубовта и страста кон поезијата, во која се разоткрива нејзината емотивна и интелектуална слоевитост. Со „Кораб“, Ратка Колева-Дамњановиќ потврдува дека поезијата на македонската дијаспора е жива, автентична и креативно богата, заслужувајќи ја годинашната награда „Стојан Христов“, посочи Ѓеличнески.