Поетесата Николина Андова Шопова на поетски фестивал во Братислава
Македонската поетеса, Николина Андова Шопова беше претставена на поетскиот фестивал Ars Poetica во Братислава, Словачка. Избор од нејзината поезија беше објавен од издавачката куќа ARS POETICA во превод на словачки јазик од Звонко Танески, со поддршка од македонското Министерство за култура.
Шопова учествуваше во програмата на фестивалот на 17 ноември во култниот V-club, мултимедијалниот културен центар кој претставува средиште на слободната мисла уште од времето на социјализмот.
Фестивалот кој е еден од најреномираните европски поетски фестивали, член на платформата Versopolis оваа година се одржува од 15 до 22 ноември под мотото Cherchez la femme (БАРАЈТЕ ЈА ЖЕНАТА) и е посветен исклучиво на жени авторки и нивна афирмација.
Во рамките на програмата на Фестивалот, на словачката поетеса Мартина Стракова ѝ беше врачена плакетата со наградата „Мостови на Струга“, меѓународна награда што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО за дебитантска книга од млади автори до 35 години.
Стракова беше добитничка на наградата во 2020 година за нејзината дебитантска книга „Разгледници од невидливите места“, но заради ковид пандемијата не беше во можност да учествува на фестивалот со физичко присуство.