Поделени уште 15 амбасадорски места, кадрите на Османи „атерираат“ само високо


Фото: Б. Грданоски

 

ВМРО-ДПМНЕ, откако ги оцрни сите членови на експертската група за уставни измени, почна да се пресметува и со предложените кандидати за амбасадори на Македонија во странство – иако процедурата налага нивните имиња да останат заштитени додека не добијат агремани од земјите во кои се испраќаат.

Според она што го објавија, шефот на дипломатијата Бујар  Османи „свесно и хируршки ја уништува македонската дипломатија со катастрофалниот избор на амбасадори“, иако покатастрофален избори од тие што ги правеше ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт немало од независноста на државата. Уште повеќе, некои од кандидатите за амбасадори што не ги споменуваат од оваа партија претходно беа избрани и од нив самите за амбасадори.

Според она што се дознава, на владата биле прифатени имињата на идните амбасадори за 15 дипломатски преставништва на Македонија во светот. Меѓу нив е и Игор Попов, кој е кандидат за амбасадор на Македонија во Бразилија, а во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше амбасадор на земјата во Хаг.

Во Абу Даби ќе отиде, или поточно ќе остане Абдулкадар Мемети, кој веќе потроши еден мандат во истата држава, што е речиси преседан, бидејќи досега двапати на исто место биле именувани само Пајо Авировиќ (со прекин) за Израел и Агрон Буџаку за Париз (сега амбасадор во Канада). Авировиќ со оваа распределба ќе заврши како амбасадор во ОБСЕ. 

Како амбасадор ќе замине и Шпенд Садиќи, член на кабинетот на Османи, кој никогаш досега не работел во амбасада на Македонија на пониско ниво, што значи дека ќе ги скокне сите професионални скалила и ќе „атерира“ на амбасадорската фотелја во Тел Авив, Израел. Садиќи, покрај тоа, е вработен преку јавен оглас како администратор од февруари минатата година, но директно на местото началник за Одделението за политичка и економска координација во кабинетот на Османи, што звучи како измислена функција за кадрите што сака да си ги вработи министерот. 

Во Лондон ќе замине Катерина Ставревска од МНР, која претходно беше шеф на кабинетот на Радмила Шекеринска додека таа беше министерка за одбрана иако практично важи за експерт за НАТО, додека во Варшава ќе замине Јасмин Ќахил, професионален кадар на МНР со искуство во повеќе мисии. Џенк Сејфула од Директоратот за ЕУ, кој не успеа да замине во мисијата во Брисел додека се водат скринингот и преговорите со Унијата, ќе биде амбасадор во Стокхолм, додека Јакуп Реџепи ќе замине како амбасадор во Сараево. За него ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е вујко на министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Од политички именувањето се дознава дека Андреј Жерновски ќе биде амбасадор во Букурешт, иако долго време неговото име се споменуваше за Белград. Емил Крстески од ДОМ и актуелен директор на Државниот архив е кандидат за Прага, додека поранешниот министер за првда Никола Тупанчевски треба да замине за Србија.  На местото на Виктор Димовски, кој требаше да замине како амбасадор во Париз, неофицијално ќе оди Васко  Ковачевски, неодамна сменетиот директор на ЕСМ кој сакаше да се посвети на семејството. 

Инаку од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија Ставревска за правење „мобинг“ на вработените во Министерството за одбрана и дека летала со хеликоптер заедно со Шекеринска на дегустација на вина. За Тупанчевски пак прашаа дали заминува во Белград бидејќи не зборува странски јазик, а Андреј Жерновски го нарекоа амбасадор кој „пополнува место по потреба“ .

„Дали можеби тоа што Јакуп Реџепи, сега веќе предложен амбасадор на Македонија во Сараево, е вујко на министерот за финансии, Фатмир Бесими е единствената причина за неговото назначување?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, иако Реџепи е вработен во МНР и моментално ја држи функцијата директор на Директоратот за меѓународно право и конзуларни односи. Емил Крстески, пак, го спорат затоа што е (поранешен) сопруг на нашата генерална конзулка во Мелбурн, Австралија.