Поднесено обвинение за Стафа, кој за 50.000 евра требаше да го ,,извади” Ѓаволот од притвор
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение за поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, против кого се водеше истрага за примање поткуп.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по спроведена сеопфатна истражна постапка до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, предвидено и казниво согласно Кривичниот законик.
Како што информираат од ОЈО, според обвинителниот акт, обвинетиот во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист, примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и преку давање поткуп да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
-Имајќи ги предвид неизменетите околности врз основа на кои на обвинетиот му беше определена мерката, надлежниот јавниот обвинител со обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на истата, соопшти ОЈО.
Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година.
По примањето на парите, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.
Лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот. Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.