Поднесени 900 апликации за реализација на проекти, учествувале сите 80 општини

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека заклучно со денеска, сите општини, вкупно 80, поднеле апликации за реализација на проекти од вториот повик.
Сега, како што информира Мицкоски, на вториот повик има близу 900 апликации, а заедно со првиот се 1 200.
-Тоа се 1 200 градилишта во Македонија, тоа е историска, вековна работа и тоа го правиме за идните и денешните генерации кои заслужуваат подобри услови за живот. Ќе продолжиме да реализираме и во периодот што следи. Очекувајте многу убави вести следните неколку месеци за граѓаните и државата зашто добро е да се гради, за тоа не избраа граѓаните, истакна Мицкоски кој заедно со министерот за локална самоуправа Златко Перински и министерот за животна средина е во работна посета на Кавадарци.
– Од првиот јавен повик имаме 280 проекти, кои во 90 отсто веќе се реализираат,а голем дел од нив веќе се и завршени. Во вториот јавен повик, до денеска, ќе почекаме до понеделник, можеби некој ќе се пријави, имаме 887 проекти од сите 80 локални самоуправи. генерално, проектите … најмногу се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура, но тука не се незначителни и оние кои се однесуваат на заштитата на животната средина во делот на уредување на корита, раззеленување, трвна и парковска површина. Секако имаме и проекти кои се однесуваат на развој на образовните институции и изградба или доградба на училишта, детски градинки итн. – рече министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Во вториот јавен повик беа предвидени и ставени на располагање до 15 милијарди денари за капитални и инфраструктурни проекти. Заедно со првиот проект достигнува до 20 милијарди денари.