Поднесен предлог за спомен-парк со 14 клупи на местото каде беше модуларната болница во Тетово

Иницијативата „Нула“ денеска заедно со семејствата на 14-те починатите во пожарот во модуларна болница поднесе предлог барање во Општина Тетово на тоа место да се направи спомен-парк со 14 клупи.
Предлогот е доставен до градоначалникот на Тетово Билал Касами, до претседателот на Советот на Општина Тетово Наим Исмаили и до министерот за здравство Азир Алиу.
На 8 септември годинава ќе се навршат четири години од пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Од 14 луѓе кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму како заболени од Ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните.
Тетовскиот суд ги прогласи Флорин Бесими и Артан Етеми за виновни и ги осуди на по 1,5 години затвор за пожарот во Модуларната болница во Тетово. Обвинението против нив е сериозно прекршување на јавната безбедност, за неинсталирање противпожарни апарати. Покрај двајцата директори на болницата, и самата Тетовска клиничка болница беше прогласена за виновна како правно лице, при што доби парична казна од еден милион денари.
На 8 септември 2023 година на двегодишнината беше одржан јавен марш и протест пред судот во Тетово во организација на семејствата на 14 луѓе кои ги изгубија животите во пожарот во тетовската модуларна. Семејствата организираа јавен марш и протест и на 15 септември 2023 година и во Скопје. Протестниот марш почна на плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство.