Подната фонтана се покажа поголем залак – веќе месец и пол, а уште не е готова
Едно од најпрепознатливите места во срцето на градот, фонтаната која со години ги привлекуваше погледите на скопјани, гостите и туристите, а која поради долгогодишна негрижа беше оставена да пропаѓа, наскоро повторно ќе блесне во полн сјај, најавува денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој смета дека таа ќе стане симбол на градот.

Денес, правиме темелно и трајно решение. Станува збор за комплексен систем со специјализирана опрема произведена во Германија и со автоматизација која бара прецизно усогласување и целосно враќање на функционалноста. Паралелно со сервисирањето на опремата, се врши и суштинско конструктивно унапредување на фонтаната. Постојната носечка подконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, ја заменуваме со нова, цврста конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања. Со ова, трајно ја зголемуваме стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем“, вели Ѓорѓиевски.
Тој се надева дека фонтаната повторно ќе биде место за средби, детска радост, фотографии, прошетки и убави спомени – место кое ќе му ја врати живоста на плоштадот и повторно ќе стане една од најубавите слики од центарот на Скопје.
Обновувањето на фонтаната на градскиот плоштад „Македонија“ почна на 29 јуни, кога Ѓорѓиевски најави дека за неколку дена ќе биде поправена, но речиси месец и половина подоцна, таа не е готова.
Се поправа подната фонтана на плоштадот „Македонија“ – ќе биде пуштена за неколку дена
За тоа колку чини обновувањето на фонтаната и кој ги изведува работите, од Град Скопје не соопштиле ни збор.
Градоначалникот додава и дека ги заменуваат и оштетените плочки на потегот од Порта „Македонија“, за централното градско подрачје конечно да добие уреден, чист и достоинствен лик каков што заслужува.(Б.Б.)