Подметнат пожар на депонијата во Арачиново – смрдеа се чувствува во делови од Скопје

Вечерва е подметнат пожар во депонијата близу Арачиново покрај стариот пат кон Куманово, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Оваа депонија има ограда и влезна врата. Скопските пожарникари ја затекнале вратата на депонијата отворена, во депонијата имало фрлена поголема количина на пакуван сончоглед кој горел со силен пламен но и други горливи производи.
Најверојатно намерно запалениот сончоглед предизвикал опожарување на дел од депонијата.
Поради насоката на струењето на воздухот смрдеата од пожарот во оваа депонија најверојатно се чувствува во делови од Скопје.
Гаснењето ќе биде сложено бидејки обемот на зафатената површина е голем што го компликува гаснењето со вода или пена. Затоа се прави проценка на неопходноста од затрупување и на оваа депонија која е под надлежност на Општина Арачиново.