Подгответе се за распад на Русија?


Станува сѐ појасно дека Украина ќе победи во оваа војна и дека Кремљ се соочува со историска криза во довербата, пишува британски „Телеграф“.

Постои реална можност дека откриените слабости на претседателот на Русија Владимир Путин се толку сериозни што може да бидат почеток на крајот – не само на неговиот режим, туку и на самата Руска Федерација.

Оваа огромна земја опфаќа повеќе од 120 етнички групи на неодржливи основи, пишува британскиот весник и додава дека нејзиниот колапс во почетокот може да биде постепен, но брзо може да стане ненадеен, насилен и неконтролиран настан. Ако Западот не се подготви за оваа можност, како што порано не се подготви за распадот на СССР, тоа може да внесе голема нестабилност во светската геополитика.

„Телеграф“ наведува три фактори кои може да доведат до распад на федерацијата. Првиот е потполн распад на довербата во војската, која традиционално беше сржта на легитимитетот на Кремљ. Нејзиното понижување во Украина сега е речиси потполно, а гордата Црноморска флота и понатаму се крие зад Крим, но е премногу исплашена за да преземе акција против земјата која речиси и да нема морнарица.

А руските мажи масовно избегнуваат регрутација знаејќи каква судбина ги чека на бојното поле. Ова несразмерно го зајакна регрутирањето на етничките малцинства од Чеченија и другите региони на работ на федерацијата – група која најлесно се користи како топовско месо – што предивика незадоволство кое Москва не може лесно да го потисне.

Второ, штетата која ја претрпе руската економија е премногу разорна за да издржи популација од 144 милиони луѓе, пишува „Телеграф“. Губитокот на енергетскиот пазар, кој го компензираше недостигот на модерна индустрија во земјата, не може да се надмине. Европските влади нема повторно да се потпираат на Северен ток 1.

Русија, исто така, се потпираше на извозот на оружје, но која земја сега ќе биде заинтересирана за купување на нејзината опрема или вооружување? Таква економска криза може да се одржува со месеци во погрешна надеж дека ситуацијата повторно ќе се стабилизира – но, дури и во Русија изворот на стоицизам има свои граници. Ова доведува до третиот фактор, а тоа е ретката густина на населеност. Затоа што, покрај тоа што поседува 70 пати поголема копнена површина од, на пример, Велика Британија, Руската Федерација има само двојно повеќе жители. Овие бројки го отежнуваат постигнувањето на граѓанска солидарност и во најдобри времиња, а сега, со престолнината во слаба позиција, секое чувство на национален идентитет може брзо да се влоши.

Западните санкции ќе ги принудат московските елити да направат тешки економски компромиси. Тие неизбежно ќе ја спасат средната класа во престолнината, која претставува непосредна закана за режимот, на штета на малцинското население во конститутивните покраини.

Идејата за потреба од „деколонизација“ на Русија веќе некое време се спомнува на Запад. „Телеграф“ пишува дека сега треба да се постават тешките прашања за потенцијалниот крај на Руската Федерација, за таа да не се случи до никаде.

На пример, како ова може да се одигра во земја која има значителни залихи на нуклеарно оружје и неколку центри на моќ? Кој би ги „извлекол“ нуклеарките? Како да се избегне протекот на оружје и милитанти во балтичките држави? Дали големиот внатрешен судир е неизбежен или колапсот може да се заузда во политички контекст?

Заедно, овие дилеми претставуваат многу значаен предизвик пред Западот. Еден погрешен чекор и може да се соочат со катастофа.