Подготвен Закон за едношалтерска околина, ќе обедини услуги на 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока

Денеска на седница на Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем бил усвоен предлог на Законот за едношалтерска околина, нов закон со кој ќе се обезбеди збир на едношалтерски услуги кои ги обезбедуваат 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока. Со Комитетот претседавал заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, соопштија од Министерството за транспорт и врски.
Од таму појаснуваат дека целта на оваа регулатива е да се олесни трговијата преку рационализација на процесите при апликација и издавање на дозволи, нивната обработка и процесот на царинење на стоките при увоз, извоз и транзит низ државата.
Исто така со Законот се постигнува интероперабилност, односно размена на податоци меѓу сите инститиуции на национално ниво, подобра соработка како и координирани активности во рамки на овој систем.
Законот има за цел да направи и услогласување со европската регулатива, како и целосно усогласување со нецаринските системи во земјите од ЦЕФТА.
Македонија е дел од проектот за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан каде една од компонентите е имплементацијатa на овој Нов Национален Едношалтерски Систем што подразбира целосна замена на тековниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки со нов систем.
Во рамките на оваа активност, Министерството за транспорт преку Проектната единица во рамки на самото министерство е во фаза на подготовна на тендерска документација за нова електронска „Платформа за дозволи” како и хардверска опрема, која се очекува да се распише во месец мај оваа година.
Овoj софтвер подразбира дека во иднина сите дозволи за увоз, извоз и транзит како и плаќањето, ќе се одвива по електронски пат на една точка, се вели во соопштението до медиумите.